Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 74. седница, едногласно ја донесе Одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Како што информира министерот за одбрана Зоран Јолевски, во оваа НАТО мисија Македонија ќе учествува со шест штабни офицери од тимот за советување, обука и асистенција на Командата Север, со 12 штабни офицери и еден подофицер на Командата за обука и советување Кабул и со 20 припадници во обезбедувањето на командата на поддршка на НАТО мисијата во Авганистан.
– Во консултација со земјите членки на НАТО е одлучено и во 2016 година да продолжиме со истото ниво на придонес кон оваа мисија поради што извршивме и соодветни подготовки. Макдонија во оваа мисија нуди висок број штабни офицери што е потврда за квалитетот на кадарот, подвлече Јолевски.
Нада Ципушева од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека одлуката е уште еден значаен придонес на Македонија во меѓународните мировни операции и потврда за успешните реформи на Министерството за одбрана во редовите на АРМ.
– Ова е потврда и дека Македонија цврсто стои на своите стратегиски определби за членство во НАТО и ЕУ. Припадниците на АРМ покажаа дека се достојни на задачата која ја извршуваат, а со својата диспциплина и посветеност не претставуваат на најдостоен начин и се наша гордост, посочи Ципушев, додавајќи дека македонските сили на ваков начин придонесуваат за глобалниот мир преку мисиите раководени од НАТО, ЕУ и ОН.
Дискусијата се вжешти откако за збор се јави лидерот на ЛДП Горан Милевски кој, како што рече, без двоумење ја поддржа одлуката, но истовремено обвини дека војниците кои заминуваат во мировните мисии се жртви на рекет. Според Милевски, на некои од војниците им се бара една третина од сумата што ја заработуваат.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го осудија Милевски за, како што рекоа, тешки клевети и побараа од него јавно да се извини од собраниската говорница.
– За жал, македонската јавност во континуитет е сведок на девалвирањето од страна на опозицијата на се што постои во Македонија: новинари, полицијата, здравствените работници, студентите, личностите од македонската историја, а сега бевме сведоци и на она најниското – девалвирање на припадниците на МО, на војниците кои се грижат за безбедноста и сигурноста на нашите граници, рече Димитар Стевананџија, квалификувајќи го говорот на Милевски како скандалозен.
Тој побара од Милевски да свика прес-конфеернција во својата партија и таму да ги изнесе сите обвинувања.
– Ваквите тешки обвинувања со кои се оцрнуваат АРМ и нејзините припадници кои се гордост на Македонија и се признаени од сите меѓународни иснтитуции, се обид за добивање политички поени. На нив треба да се укаже и да се прекине расправата, нагласи Крсто Мукоски.
Се надоврза и Благоја Деспотовски со жалење за тоа што Милевски го кажал тоа за АРМ, за сите 99,9 отсто чесни луѓе подготвени да го жртвуваат животот за Македонија. – Познавам многу од припдниците на Армијата и полицијата и тврдм дека 99,9 отсто од нив се професионалци, потенцира Десптовски.