Собранието се распушти, отворен патот за избори на 12 април

Од:

Собранието едногласно со 108 гласа „за“ ја донесе одлуката за самораспуштање во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април. Претходно распуштањето на Парламентот беше најавено за 12 февруари, но претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека по направената консултација со Државната изборна комисија одлучил седницата да ја закаже за вчера, 16 февруари.

Одлуката за самораспуштање беше поднесена од спикерот Талат Џафери, кој во своето обраќање на вчерашната седница рече дека од ДИК се изјасниле оти можат да обезбедат соодветен тек на процесот во рок од 55 дена од моментот на самораспуштање на Собранието поради фактот што предвремените избори се поврзани со чинот на распуштање на Собранието, а не со политички одлуки.

-И поради таа причина, анализирајќи и пресметувајќи ги сите рокови, последниот момент на распуштање на Собранието треба да биде денес со цел да се обезбедат сите рокови и постапки навремено, рече вчера Џафери.

Посочи дека сите одлуки што биле донесени во Парламентот се донесени во интерес на граѓаните и на државата.

– Како луѓе човечки е нешто и да сме погрешиле. Што се однесува до мене ако сум згрешил, грешката не сум ја направил намерно и јавно се извинувам, потенцира Џафери.

Пред да се распушти Собранието меѓу другите ги донесе и законите за јавно обвинителство и измените на законите за Совет на јавни обвинители и за одбрана. Законот за јавно обвинителство за кој долго се преговараше и не беше поддржан од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, беше донесен со 80 гласа „за“ и шест „против“.

Пред да биде спроведено ова гласање имаше уште едно гласање по Законот, кога 74 пратеници се изјаснија „за“, а 32-ца „против“. Претседателот на Собранието Талат Џафери го поништи ова гласање зашто претходно пратеничката Лилјана Поповска процедурално побарала збор, а и дел од пратениците се пожалиле дека гласањето не им било евидентирано.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ забележаа дека е прекршена процедурата и Деловникот и оти Џафери немал право да го поништи првото гласање. Поради тоа, подоцна на прес-конференција, побараа претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот. Истото го побараа и за законот за изменување и дполнување на Законот за Совет за јавни обвинители, поради тоа што, како што посочија, при негеовото донесување не бил испочитуван принципот на гласање по Бадентер.

Попладнето кабинетот на претседателот на државата информираше дека Пендаровски ги потпишал Указите за прогласување на повеќе закони кои се усвоени од Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои и за Законот за Јавното обвинителство, Закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана и Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот „Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони.


Законот за јавно обвинителство, сметаат претставниците на власта, треба да овозможи правна држава и еднаквост на сите граѓани пред правдата. Донесувањето на Законот, според нив, е и добар сигнал за континуитетот на реформските процеси на земјава.

-Успеавме, ја обезбедивме европската иднина на земјата! Им честитам на сите 80 пратеници, кои презедоа одговорност, го препознаа овој момент како клучен за владеењето на правото и за нашата европска интеграција, ги победија притисоците и гласаа за усвојување на Законот за јавно обвинителство. Заедно ќе продолжиме напред со одлучни чекори за вистинска и неселективна правда. За европска перспектива, но и одговорност за сите кои го прекршиле законот! За напредок, развој и членство во НАТО и ЕУ, напиша синоќа лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Тој претходно ги повика сите, како што напиша, правдољубиви луѓе вечер да се приклучат кон Маршот „Чекориме за правда” што ќе почне пред пред Собранието на Република Северна Македонија.

-Ве повикувам да се приклучите. Заедно да чекориме од местото каде се изгласа Законот за јавно обвинителство – од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници – судот!, напиша Заев.

Донесувањето на законот за јавно обвинителство беше поздравено и од лидерите на ЕУ и Западен Балкан.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови