Собранието расправа по Предлог-законот за заем за гасификацијата

Од:

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата по Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка и Ерсте банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Гасификација на Република Македонија – фаза 1 – делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар“, по скратена постапка.

Со Предлогот се обезбедува заем од 90 милиони евра за финансирање на градбата на госоводот – делница Штип блок станица 5 Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар. Рок на отплата на кредитите се 7 години со вклучен грејс период од 3 години, со каматна стапка која ќе се пресметува како збир од 6м ЕУРИБОР + маргина од 450бпс.

Проектот предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на делниците Штип – Неготино – Битола дел 1 од Штип блок станица 5 до Неготино, линиски дел во должина од 36 километри, кој ќе се надоврзе до делницата Клечовце – Штип блок станица 5 чија изградба која е веќе во тек и дел 2 од Неготино до Битола во должина од 92 километри. Исто така и вториот дел Скопје – Тетово во должина од 76 километри. Изградбата се очекува да заврши во 2016 година.

Пратениците од мнозинството го оценија како позитивно решение со кое ќе се реализира стратешки проект, а за опозицијата е ново задолжување и бараа овој проект да се реализира од постоечкиот буџет. Според нив, парите од кредитот ќе бидат наменети за други непродуктивни цели место за гасификација.

Пратеникот Панче Орцев рече дека СДСМ нема да го поддржи ова задолжување. Задолжувањето од 90 милони евра на една држава, како што рече, е сериозен и сложен процес и има повеќе импликации и не треба да се разгледува по скратена постапка. Тој нагласи дека досега СДСМ никогаш не бил против гасификација во Република Македонија и оти поддржувале задолжувања, проекти, давале иницијативи…

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека потребно е Република Македонија е да добие поевтин енергенс и затоа апелираше СДСМ да го поддржи овој закон.

– Во 2022 година секое домаќинство и фирма ќе добие гас, енергенс кој ќе биде поевтин од 20 до 30 отсто. Кредитот ќе го вратиме за 7 години, рече Мукоски и додаде дека гасификацијата на Македонија е историски проект.

Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ смета дека со непочитувањето на ова законско решение СДСМ уште еднаш потврдува дека е против економскиот развој на својата држава, против просперитетот на своите граѓани и против тоа граѓаните да се обезбедат со енергенс, кој ќе овозможи 20 отсто намалување на нивните трошоци.

Пратениците ќе продолжат со работа по редовната пауза.

Би можело да ве интересира

Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, проследен на натамошна постапка во Собранието

Верификувани мандататите на новите пратеници

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

Критики за програмата и кадровските решенија од опозицијата, прва половина од собраниската седница за избор на новата влада

Мицкоски: Државата е во клиничка смрт, институциите се доведени пред пропаст

Собраниска седница за избор на новата влада