Собранието попладнево донесе шест законски решенија

Од:

Собранието во рамките на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 57-та седница без расправа, едногласно со 62 гласа „за“ го донесе Законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор наменет за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија“, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, во државна сопственост.

Во рамките, пак, на 51-та седница пратениците го разгледаа Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, во второ читање, со кој се бара измена на членот 4, и поради прифаќање на дополнителен амандман поднесен од пратениците од ДУИ од страна на Владата заклучија да се даде на трето читање.

Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ во општата расправа посочи дека законот е менуван повеќе пати, а денешната промена е да се овозможи недела да биде неработен ден и со него се прецизира во кои работни простори може да се работи, а во кои не.

-Законот нема принципи и овозможува селекција и неправедност. Има непринципиелност во времето за работа. За трговците кои имаат поголем деловен простор од 8.000 квадратни метри дозволено е да работат 10 часа во недела, а за останатите 8 часа. Со овој амандман се постигнува дискриминација во однос на бројот на работни часови за различни субјекти. Тие кои имаат поголем работен простор може да работат 10 часа, а останатите ќе мора да работат 8 часа, рече Трајанов.

Праша зошто со законското решение се забранува да се продава овошје и зеленчук во недела во маркетите, а може да се продава се друго.

-Ова законско решение е да можат да работат големите маркети по моловите, а да не може да работат маалските продавници, рече Трајанов и побара законското решение да се преработи во делот на работното време и да може да се продава овошје и зеленчук.

Без расправа со 62 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај.

Во рамките на 54-тата седница без општ претрес, едногласно со 86 гласа „за“ пратениците го донесоа Законот за даночно ослободување со цел реализирање на одлуката за склучување на анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата.

Без расправа со 60 гласа „за“ беше донесен и Законот за изменување на Законот за хартии од вредност. Едногласно со 61 глас „за“ и без расправа Собранието го донесе и Законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Патен коридор VIII – I фаза на проектот, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, а со 60 гласа „за“ и Законот за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови.

Би можело да ве интересира

Мицевски: Владата има луѓе, има механизација сега и се справува со сите можни и неможни позиции коишто ги има

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани