Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 72. седница со расправа по неколку предлог закони за ратификација на договори меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина.
Пратениците ќе дебатираат по предлог на законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на договорите за меѓусебно извршување на судските одлуки во кривичните предмети и за екстрадиција, на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција и на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот – кракот за испорака на гас во Република Македонија.
На дневен ред се и предлог на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп, измените и дополнувањата на Законот за лизинг, на Законот за јавните набавки, на Законот за авторското право и сродните права, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за управување со отпадот, на Законот за научно – истражувачката дејност и на Законот за странците, сите во прво читање. На дневен ред е и Предлог на закон за основање Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, дополнувањето на Законот за вработување и работа на странци, во прво читање и други закони.
Предвидено е и разгледување на неколку предлог закони по скратена постапка и тоа дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, предлог на закон за правосудниот испит, измените и дополнувањата на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, поднесен од Малиша Станковиќ.
Пратениците треба да ги донесат дополнувањата на Законот за заштита на културното наследство, измените и дополнувањата на Законот за стручно образование, измените на Законот за иновациската дејност, дополнувањата на Законот за просветната инспекција, предлог на закон за националната рамка на квалификации, предлог на закон за матичен број, дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, измените и дополнувањата на Законот за сигурност во железничкиот систем, измените и дополнувањата на Законот за внатрешната пловидба, сите во второ читање и други.
На дневен ред на оваа седница се и дополнетите предлози на закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на законот за медиуми, во второ читање.