Собранието на Република Македонија денеска ја усвои потребата за донесување Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за култура, по скратена постапка, доставен од Владата. Предложените измени се однесуваат на финансиските обврски по основ на исплатата на надместоци на пензионери кои се добитници на државни награди за култура и во делот на работата на директорите на националните установи, меѓу кои се предлага бришење на одредбата за склучување менаџерски договори.
Предлогот за измени на законот за култура кој е донесен во 1998 и оттогаш повеќепати менуван, пред пратениците ги образложи министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Во однос на предлог за измени за националкна пензија, која откога е овозможена со измените на Законот за култура во 2011 до сега ја користат 66 уметници кои го исполниле условот да се добитници на една од државните награди од областа на културата (11 Октомври, Св. Климент Охридски и 23 Октомври), се предлага утврдување фиксен износ од 38.500 денари од кој ќе се пресметува разликата со пензијата што ја остварува уметникот.
Според досегашната законска одредба, разликата се пресметуваше со највисоката исплатена пензија во РМ во претходната година. Во декември 2015 година највисоката исплатена пензија била 38.394, така што за Буџерот на РМ за 2017 за оваа намена биле предвидени 11.400.000 денари. Според најнов податок од Министерството за труд и социјална политика, највисоката пензија исплатена во РМ во 2016 година била 47.873 денари.
Тоа, рече Алаѓозовски, ќе предизвика дополнителни фискални импликации во Буџетот на Министерството за култура во износ од 7.331.000 денари што треба да се обезбедат со ребалансот на буџетот за 2017 година. Се очекува дека секоја наредна година ќе се зголемуваат средствата потребни за остварување на оваа законска обврска.
– Заради надминување на се поголемите зафаќања во буџетот за оваа намена наспроти затекнатите неповолни состојби во културата и висината на платата на вработените во одделни делови на културата, особено во областа на заштитата на културното наследство, музеите и библиотеките, се предлага со измените на Закнот да се утврди месечниот надомест на пензионерите да се пресметува како разлика од остварената пензија до фиксен износ од 38.500 денари, кое на ниво на исплатениот надомест на пензионерите во декември 2016 година. Наместо како досега износот да се пресметува како разлика од остварената пензија до највисоката исплатена пензија во РМ во претходната година. На пензионерите кои го оствариле ова право до донесувањето на предложениот закон ќе им продолжи правото и понатаму, рече Алаѓозовски.
Исто така, се предлага и правото на месечен надомест што го имаат пензионерите добитници на државните награди од култура, еднакво да го добијат и носителите на наградата 11 Октомври за едногодишни остварувања во ументоста од 1959 до 1987 година.
Во предложените измени се предлага и бришење на одредбата за склучување менџерски договори меѓу министрот за култура и директор на национална установа веднаш по неговото именување, што беше воведено со измените на Законот за култура во 2014 година. Договорот треба да содржи показатели на успешност што треба да ги оствари директорот и договорни казни за неисполнување на обврските од договорот.
– Имајќи предвид дека ова законско решение не се применува и не придонесе во ефективноста и ефикасноста во раководењето на националните установи туку, напротив, стана пречка за ефикасно следење на успешноста на директпорите во националите установи од културата и преземање соодветни мерки во случај на утврдување на неправилности во нивната работа, се предлага бришење на одредбата со која се утврдуваше склучување менаџерски договор меѓу министерот за култура и директорите на националите установи од областа на културата, истакна Алаѓозовски.
Во однос на директорите на националните установи, се предлага и измена на одредбата (исто така од 2014) која регулираше директорите на секои шест месеци до министерот за култура да доставуваат извештај за финансиското работење и извештај за остварувањето на годишната програма за работа на установата. Во сегашниот закон стои доколку директорот не ја остварува годишната програма за работа на установата или има финансиски загуби во работењето да му се остави можност во следните шест месеци да ги отстрани недостатоците и загубите во работата.
Според министерот Алаѓозовски, ваквиот законски рок остава можност директорот да оствари дополнителни загуби во работата што негативно се одразува на квалитетот на целокупното работење на установата,
– Од наведените причини се предлага рокот во кој министерот треба да ги отстрани недостатоците и загубите во работата да го определи Министерството за култура во зависност од случајот и сериозноста на проблемите, но не подолго од шест месеци, рече Алаѓозовски.
Во предложените измени на Законот за култура се предлага и да се утврдат прекршоци за директорите и одговорните лица во субјектите на надзор доколку на барање на инспекторите за култура не ги обезбедат сите акти со цел да се утврди целокупната состојба во работењето на установите и останатите субјекти кои подложат на инспекциски надзор од областа на културата.
Министерот за култура пред пратениците рече дека не се работи за сложени и обемени измени на Законот но со нивното донесување, како што рече, ќе се намалат финансиските обврски по основ на исплатата на надместоци на пензионери кои се добитници на државни награди за култура, ќе се обедбеди поефикасна примена на законот во делот на работата на директорите на националните установи и поголема ефкасност во вршењето на инспекцискиот надзор.
По усвојувањето на потребата да се донесат измени и дополнувања на Законот за култура, претседателот на Собранието Талат Џафери ја задолжи Комисијата за култура како матично работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат за Предлогот, за потоа да почне рок за поднесување амнадмани од пратениците.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски имаше забелешка за тоа што СДСМ на дневен ред става четири закони по скратена постапка, а притоа, како што рече, ја намалуваат можноста да се дебатира за тие закони. – Тоа е директно спротивно што СДСМ го ветуваше на изборите, рече Димовски.
Томислав Тунтев од СДСМ му одгвори дека поднесените закони по скратена постапка од владејачкото мнозинство се исти за кои се дискутирало лани. – Се работи за наша одговорност како пратеници, без оглед дали законот е во скратена или во редовна постапка, рече Тунтев.