Собранието ја продолжува расправата за ребалансот, до вечер веројатно ќе го усвои

Од:

Собранието се очекува до крајот на денот да го донесе Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, односно вториот ребаланс за годинава. Пратениците од опозицијата и владејачкото мнозинство го користат последниот ден расправа за ребалансот на Буџетот да ги вкрстат ставовите во однос на економијата во ситуација на пораст на бројот на болните од Ковид-19, како и начинот како земјата да се справи со тоа.

Владо Мисајловски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли тврдењата на владејачката СДСМ дека опозицијата пет дена го кочи носењето на реблансот на Буџетот, а со тоа и четвртиот сет мерки за справување со коронавирусот. Мисајловски истакна дека тие како опозиција имаат право да ги кажат своите ставови и дека биле конструктивни. Дебатата на Комисијата за финансирање беше скратена од 10 на седум дена во договор со опозицијата.

-За се ја обвинувате опозцијата, за корона, за Буџет…, рече тој.

Пратеникот Мисајловски го критикуваше справувањето со коронакризата и рече дека не треба да се игнорира опозицијата која е подготвена да помогне доколку власта тоа го побара од неа. Посочи дека ситуацијата е хаотична и оти власта нема предвидливост во ниту една област.

-Вие велите за корона кризата има пари, но не е така. На пример, за инфраструктура нема пари, но има за министри, за нивни родители, роднини. Во оваа држава се е наопаку. Институциите се на апарати за дишење, нема пари за плати, нема пари за ништо. Здравство едвај функционира. Жално е што вие како пратеници од власта правите политикантство и тоа го правите дури и сега во оваа корона криза. Незрело е однесувањето на вашиот министер Венко Филипче. Со вакви политики од министер кој плука по сите, тоа е срамно за државава, рече Мисајловски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ го праша заменик-министерот дали Владата има план како ќе го полни Буџетот следната година, имајќи предвид дека сме на два месеци пред крај на годината.

Коста Костадинов од СДСМ реплицирајќи му на Мисајловски рече дека во Собранието е потребно конструктивност и оти треба да се разговара отворено за се.

-И да имаме јасно изградени ставови затоа што се работи и станува збор за две спротиставени страни. Токму заради таа конструктивност бевте и вие дел од Комисијата за финансирање и буџет, во моменти кога беа оправдано отстутни колеги од ВМРО-ДПМНЕ јас ги образлагав нивните амандмани. Но, не можам да толерирам непознавање, предлагање на амандмани кои се веќе во завршна фаза на реализација, за проекти кои веќе постојат, за кои СДСМ мислел порано од вас. За дел од нив апсолутно сте во право и беа поддржани од мнозинството, рече Костадинов.

На седницата на Комисијата за финансирање и буџет беа прифатени девет амандмани предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во контекст на обвинувањата за оддолжување на расправата за ребалансот на Буџетот објасни дека амандманската расправа заврши на 22 октомври, седмиот ден, на 23 беше државен празник, но Собранието го врати Буџетот во Владата, која, пак, во предвидениот рок подготви дополнителен текст и го врати во Собранието на 26 октомври.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови