Републичкото Собрание на денешното продлжение на 54 седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за работни односи, по скратена постапка.
Целта на измените на Законот, според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, е заштита на правата на работниците, спречување на злоупотребите при спогодбените откази, како и намалување на бројката на непријавени работници.
Со законските измени се предвидува да не постои бланко потпишана изјава за отказ, ситуација која што често пати се случуваше и предвреме беше потпишуван отказот. Работодавачите дополнително само го допишуваа датумот. Сега се предвидува само горниот, односно суштинскиот дел на текстот да биде унифициран и изработен, но долниот дел каде што се потпишува работникот и работодавачот да остане целосно празен. Тука работодавачот и работникот ќе имаат обврска комплетно своерачно да го напишат името, презимето, датумот и местото на престанок на работниот однос, појасни Ристовски.
Друга значајна измена е воведувањето мандатни казни за непријавени работници. Ќе се воведат мандатни казни доколку се затекнат до две непријавени лица. Притоа, работодавачот ќе треба да плати по 1.000 евра за секое од двете непријавени лица и обврска да ги пријави во рок од осум дена и да ги плати казните. Доколку тоа не го направи објектот каде се извршуваат работните задачи ќе биде затворен. Доколку се најдат три или повеќе непријавени работници мандатни казни ќе нема, туку објектот веднаш ќе биде затворен. Во услови кога објектот ќе биде затворен работодавачот нема да смее да отпушти ниту еден вработен, туку ќе треба да им исплаќа плати во висина од 70 проценти од последната исплатена плата.
Пратениците изгласаа и измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа, чија цел, според образложението, е да се подобри квалитетот на давање на здравствените услуги од овластени здравствени установи кои вршат дејност медицина на трудот, како и да се зајакне механизмот на контрола и да се одреди стандарниот минимум на здравствени прегледи.
На седницата на Собранието беа усвоени и измените и дополнувањата на законите за градежно земјиште и за градење. Со измените на Законот за градежно земјиште се утврдуваат дополнителни услови за учество на јавно наддавање, се прецизира прашањето кога се смета за завршено наддавањето и се утврдува рок за вршење солемнизација на договорите за оттуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште.
Измените на Законот за градење, пак, предвидуваат постапката за издавање одобрение за градење да започне да се спроведува по електронски пат од 1 јуни годинава. Од тој датум ќе почне и електронска комуникација на органите кои издаваат одобрение за градење со Агенцијата за катастар за недвижности при доставување на градежно техничката комуникација.
Собранието ги усвои и законите за изменување и дополнување на законите за шумите и за минерални суровини, исто така по скратена постапка, како и Предлог законот за измени на Законот за банките, во прво читање.
Во тек е расправата за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, поднесен од 13.169 избирачи.