Собранието го разгледа годишниот извештај на државните антикорупционери

Од:

Пратениците попладнево на продолжение на 43 седница расправаа за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за 2020 година.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Дејанчо Ефтимов, оцени дека Антикорупциската комисија е неажурна и оти е недозволиво таа да се помири со фактот дека одредена институција не доставува документи, а со тоа, како што рече, случаите да стојат во фиока.

– Компаративно од 2019 и 2020 година имаме намалување на бројот на предмети поднесени за судир на интереси. Во 2020 имаме 86, за разлика од 2019 каде имаме 430. Но, и бројот на предмети поднесени по сопствена иницијатива е многу мал. Сметам дека ова е неажурност на самата Комисија. Бројот на евидентирани предмети по сопствена иницијатива во 2019 е 66, а во 2020 само шест. Согласно сите принципи за работа и целите и задачите на Комисијата сметам дека ова е недозволиво и со ова поднесување од само шест самоиницијативни предмети е недоволно да се расчисти целиот спектар на корупција кој владее во Република Македонија, а сите сме сведоци на секојдневното коруптивно однесување на извршната власт, рече Ефтимов.

Неговата сопартијка Ангелина Петкова, наведе дека намалениот број на поднесени пријави до ДКСК се должи на пандемијата. ДКСК, вели таа, согласно извештаите, се гледа дека функционира, но сепак корупцијата во државава никако да се намали.

– Сметам дека извештајот е прецизен, комплетен, остава впечаток дека се постапува по пријави, се обидуваат. Но, состојбата со корупцијата во земјава е сериозна што бара неопходни чекори за зајакнување на сите надлежни институции, нивна независност и проактивност во постапувањето за да се почуствува во иднина некаков резултат, смета Петкова.

За пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, за драстично намалената активност на ДКСК не може да биде пандемијата оправдување. – Не може коронавирусот да биде оправдување за тоа дека ДКСК има слаби резултати и што не презема ништо, вели Стојановска.

Пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека системот на ДКСК е неефикасен и Комисијата претставува орган кој власта ниту го слуша, ниту го почитува.

– ДКСК во 2020 година доставила два предмети до обвинителството и по истите се уште не е постапено. Според мене очигледен е калкулантскиот однос што го имала со предметите кои ги постапувала со луѓето од власта. Вкупниот број пријавени предмети е намален за 50 проценти, рече Панова.

Претставничката на ДКСК Катица Николовска, пак, наведе дека проблемите не се многу надминати, бидејќи една година, според неа, е релативно краток период да се сменат работите.

– Ние не отстапивме и максимално се трудевме да ги исполниме нашите надлежности. Обвинувањата дека е неефикасна Комисијата според мене не држи, не сум задоволна, но не значи дека имаме стега со власта или било кој друг и дека ги ставаме предметите под тепих, рече Николовска.

Фактот дека само два предмети се доставени до ЈО, вели таа, не значи дека ДКСК не си ја завршила работата.

– Називот на Комисијата е Државна комисија за соречување корупција која во најголем дел има задача и обврска да креира политики во насока на спречување на корупцијата и судир на интереси. Точно е дека двата предмети до ЈО содржат елементи на кривично постапување, но секој случај на корупција не значи и кривично дело. Податокот кој го кажувате за одлуки кои се однесуваат на отфрлање на пријави е реален, но истите се отфрлени зошто се однесуваат на судски постапки, ДКСК нема надлежност да постапува. Не дека ДКСК не работи, туку едноставно законското решение со кое постапува нема механизми за натамошно постапување. Нашето е да го обелодениме сето тоа, рече Николовска.

За оваа година, информира таа, само до мај во областа на спречување коруција до ДКСК се поднесени 400 пријави. Ако се продолжи со ова темпо, според неа, до крајот на годината ќе има над 1200 пријави.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски по расправата за Извештајот на ДКСК ја прекина седницата и најави дека за нејзиното продолжение ќе известат дополнително. мс/лв/

2021-06-09 19:25:42, од Марија Спасовска

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови