Собранието го изгласа ребалансот на буџетот

Од:

Собранието попладнево со 56 гласови „за“ и 37 „против“, го донесе ребаланост на Буџетот за 2021 година. За ребалансот се гласаше на петтиот ден од расправата во законодавниот дом.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за околу 10 милијарди денари или 4,7 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции. Даночните приходи се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари односно за околу 6 милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет. Социјалните приходи се во износ од 69 милјарди денари и се за околу една милијарда денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.

Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или се повисоки за околу 21 милијарди денари, а капиталните расходи на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година.

На расходната страна на Буџетот се врши ограничување и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници без да се наруши нивното редовно подмирување на обврски.

Дефицитот е проектиран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Зголемувањето на дефицитот од 4,9 на 6,5 проценти, според надлежните, е резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки за справување со последиците од здравствено-економската кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи.

Стапката на инфлација е предвидено да изнесува 2,1 процент.

Со ребалансот се обезбедени финансиски средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции, како и дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.

Ставовите на власта и опозицијата во однос на ребалансот на Буџетот и во текот на денешната расправа останаа непроменети. За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.

Би можело да ве интересира

Џафери: Потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги

Ана Ололовска

Тројца амбасадори ќе ги претстават своите платформи пред собраниската Комисија за надворешна политика

Ана Ололовска

Џафери: Предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија се враќа како неуредна, истата да се усогласи во рок од 15 дена

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Митрески: ВМРО-ДПМНЕ во Собрание блокира се што е во интерес на граѓаните

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Милошоски: Парламентарно мнозинство не сака Анкетна комисија за пожарот во Тетово

Ана Ололовска

Прекината седницата на собраниската Комисија за образование поради несогласувања за процедурални излагања

Ана Ололовска