Собранието го донесе законот за абортус

Од:

Собранието попладнево го донесе по скратена постапка Законот за прекинување бременост. Опозицијата не учествуваше во расправата и на гласањето и законот помина со еден глас против од пратеникот на Либералната партија Ивон Величковски.

Тој во дискусијата рече дека со административни мерки се крои популациска политика и дека притоа се манипулира со религиозните чувства на населението, зашто се вплеткуваат и верските заедници.

– Овој закон не значи дека ќе го отстраните абортусот, туку стимулирате да се случува по шупи и гаражи и надвор од земјата. Наместо да се грижите за адекватна едукација на младите за заштита од несакана бременост, вие се залагате со административни постапки да направите нешто ново, сакате да го заболите здравото, со перфиден и суптилен обид да ја стигматизирате жената и да и наметнете чувство на вина. Тоа е тежок психолошки удар и тортура. Сметате дека тоа се поклопува со некои ваши морални и политички начела, но не сте свесни каква грешка правите. Демографија не се креира со закон, туку со добри услови за живот, рече Величковски.

Нему му реплицираше министерот за здравство Никола Тодоров, кој му рече дека креира фиктивен проблем и со сите сили се брани тој да не се случи. Го праша зошто во 1995 година, кога претседателот на неговата партија,  Стојан Андов, беше претседател на Собранието на РМ, не интервенирале кога се носеле измени на законот и во нешта кои сега се пренесуваат од стариот во новиот закон. Истакна дека законот е во  функција на заштита на здравјето на жената.

– Задолжителното советување е дел од новиот концепт, кој е ист и во Германија, Холандија, Франција, во Белгија. Тој не е за да се премислува жената, туку – ако се двоуми, да и ги дадеме правите информации, а ако одлучила,  да и помогнеме да го помине тој постабортивен период, рече Тодоров.

Бети Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за корисноста на законот во однос на грижата за репродуктивното и психичкото здравје на жената. Побара извинување од Величковски зашто ги понижил жените-мајки кога, во претпладневниот дел од расправата, рече дека жените се третираат како расплодни објекти.

Собранието на РМ изгласа уште три закони по скратена постапка – Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Законот за земјоделското земјиште и Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

ЛДП со иницијатива: Да се воведат лековите со кои се врши медикаментозниот абортус на позитивна листа на лекови

Доналд Трамп: Забранувањето на абортусот по 15-та недела од бременоста изгледа разумно

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов