Собранието донесе три законски решенија од областа на судството

Од:

Собранието на Република Македонија денеска ги донесе измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на јавните обвинители.

Со измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители се предвидува почетната обука за кандидатите за јавни обвинители да биде скратена, односно тие да ја посетуваат само теоретската обука, а да изостане практичната настава.

– Лицата кои согласно условите имаат право да се пријават како кандидати за вршење на јавнообвинителска функција се лица кои имаат поминато најмалку пет години работно искуство и положено правосуден испит. Се очекува дека тие имаат соодветна практична настава во однос на вршењето на јавно обвинителската функција, истакна заменик-министерот за правда Билјана Бришкоска – Бошковски, образложувајќи го предложеното законско решение.

Законот ќе се применува една година по неговото стапување на сила.

Според опозицијата, предложените измени се резултат на необмисленоста на политиките за независно судство за кое, како што посочија, не се потребни парцијални предлози, туку системски решенија.

Пратениците ги донесоа и измените на платите на судиите со кои се зголемуваат платите по две основи – во случај кога судијата работи прекувремено и во денови за празник, како и во случај кога судијата работи во посебни услови при висок ризик и доверливост. Висината и начинот како ќе се утврдува правото на додаток, ќе го уреди со акт кој ќе го донесе Судскиот совет.

Во рамки на 80. седница донесени се и измените на Законот за платите на јавните обвинители. Опозицијата со амандман побара Специјалното јавно обвинителство да биде иземено од овој закон со цел да не се огранични неговата независност. Амандманот не беше поддржан од мнозинството пратеници.

Во 14 часот е закажана нова седница на која треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба, по скратена постапка.

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски