Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 52. седница ги усвои владините предлог-закони за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина, за изменување на Законот за здравствено осигурување, на Законот за јавни набавки, за измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и на Законот за високо образование, сите по скратена постапка.
Пратеникот Беким Фазлиу од ДПА смета дека со 11-те предлог-закони ставени на дневниот ред на оваа седница по скратена постапка се повредува Деловникот за работа на Собранието. – Овие предлог-закони се исклучително сложени и затоа треба да бидат предложени во редовна собраниска постапка, за да може да се дебатира по нив, рече Фазлиу.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски информира дека собраниската седница, по барање на ДПА, ќе продолжи за еден час, по утврдениот дневен ред.
Пратениците треба да расправаат за оставките на Благоја Гешоски и Јанаќе Витановски од функцијата член на Комисијата за верификација на фактите.
На дневен ред е и Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за основање пратенички групи на Собранието за соработка со парламентите на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи за соработка со парламентите на други држави.
Пратениците ќе расправаат и за предлог-одлуките за избор на член на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво, за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ и за разрешување на член на Државната комисија за спречување на корупцијата.