Собранието четврти ден расправа за разрешување министри

Од:

На четвртиот ден од 104-та седница, пратениците расправаа за разрешување на министерот за здравство, Беким Сали. Од опозицијата обвинуваат дека здравството е оставено и руинирано и остануваат на ставот дека се прават коалиции врз основа на политички пазар. Пратениците од владејачкото мнозинство пак, тврдат дека остануваат на изградбата на праведно општество за сите.

Според пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ, иако премиерот зборува дека се движиме кон Европската Унија, сите релевантни институции укажуваат на тоа дека се движиме во спротивна насока.

-Ние се согласуваме со реконструкцијата на Влада, се согласуваме со предлозите за разрешување, но исто така се согласуваме дека сите вие комплетно треба да си дадете оставка. Тоа е затоа што овие коалиции што ги правите вие и претходниот премиер, не ги правите врз основа на принципи, туку врз основа на политички пазар, рече пратеникот Здравковски.

Како што рече, колегите од „Алијанса за Албанците“ треба да бидат свесни дека прават „пакт со ѓаволот“.

Пратеничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ е на ставот дека здравството беше оставено и руинирано од претходниот министер и ништо не е подобрено.

-Во програмата со која дојдовте на власт, предвидено беше дека ќе се гради стабилен и модерен здравствен систем. Ве прашувам, дали денес имаме стабилен и модерен здравствен систем? Главни предизвици на Македонија ќе бидат одржувањето на здравствените домови во полна кондиција со персонал, број на легла и технички капацитети. Дали денес го имаме ова? Сигурно не. Ветувавте лек во секое време и за секој пациент. Денес и тоа го немаме. Значи ништо немаме, од се што ветувавте во програмата, рече Лозановска.

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ во својата реплика се осврна на веста од Стразбур, и рече дека со оваа вест денеска победи правната држава, победи правдата во нашата држава.

-ВМРО-ДПМНЕ паѓа на испитот на историјата, заради пуста власт. Ако се удираме во градите кој повеќе ја сака Македонија, ние од СДСМ велиме дека ќе ги донесеме сите тешки одлуки, без да се грижиме за сопствениот рејтинг, затоа што веруваме дека кога после 40 години ќе ги погледнеме нашите деца во очи, ќе знаеме дека сме направиле се за Македонија, рече Костовски.

И пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ во репликата рече дека со вестите од Стразбур денеска издвоивме победа на правото и правдата и се надева дека во иднина ќе издвојуваме уште многу победи.

-Очигледно дека ве боли тоа што беше неуспешен обидот на „фикусот“ од претседател да направи аболиција за криминалците од ВМРО-ДПМНЕ и криминалот под невидени размери. Ако некој треба да се засрами тоа сте вие, бидејќи ја обезличувате нашата држава, говорите за раздор, со говор на омраза ја нарушувате унитарноста на нашата држава. Вие ја прекројувате Македонија, а не ние. Ние сакаме нашата држава да е дел од европското семејство и тоа ќе го направиме, рече Калеска Ванчева.

Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека македонскиот Парламент стана се, само не она што треба да биде.

-Човечкиот живот е краток, но долгот кон предците и правото на сувереност, дека сме биле на вистинската страна, дека сме биле оние кои ја носеа слободата, денеска се оковивме во робје, заробени во дневно политички полемики. Разберете ја улогата која ја имате, вие не сте ничие стадо или трло, вие ја претставувате волјата на граѓаните, но си играте со граѓаните. Тонеме во криминал и корупција, имаме високи државни функционери со фалц дипломи. Мислев дека сте луѓе со достоинство, но мене лично ме разочаравте, рече Василевска.

Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците во реплика рече оти иста е реториката на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои четири дена ја блокираат говорницата во Собранието, говорат за криминал и корупција, а не зборуваат за точката која е на дневен ред, а тоа е разрешување на член на Владата.

Пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Беким Сали имал можност да ги затвори криминалните луѓе од неговиот ресор – здравството, но тоа не го сторил. Toj додаде дека во моментов нема доволно лекари во болниците, нема лекови, и не функционира ништо во сите болници.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ пак, напомена дека СДСМ останува на определбата да гради праведно општество.

-Немате став за корона кризата и почнувате со блокади, немате став за економска криза и почнувате со блокади. Немате став за францускиот предлог, па пак блокиравте. Лидери без одлуки не можат да бидат лидери. Многу аматерски се однесувате. Државнички е да донесувате одлуки, а не да ја напуштате салата и да го делите народот. СДСМ останува на определбата да гради праведно општество. Нема да успее вашата реторика, рече Николова во својата реплика.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови