Со влегувањето на Бугарите во Уставот законски ќе се издвојуваат пари за негирање на Македонците

Од:

Работната група составена од 23 члена која ќе ги подготвува уставните амандмани денес треба да почне со работа и во рок од еден месец ќе треба да го дефинира текстот на истите по што ќе следува јавна дебата во текот на месец јуни.

Владата предводена од СДСМ и ДУИ ги турка уставните измени како чиста формалност иако на повидок нема 80 пратеници потребни за отварање на Уставот, а притоа не сака да објасни какви импликации ќе има додавањето на бугарскиот народ во темелниот документ на македонската држава.

Последиците од менувањето на Уставот за „А1он“ ги објаснува Влатко Токарев, Магистер по правни науки на Кембриџ Универзитетот во Велика Британија.

– Досега нема потврда кои останати народи, покрај Бугарите, е предвидено да бидат внесени во Преамбулата на Уставот. Генерално, широките малцински права кои ги обезбедува Република Македонија не претставуваат проблем. Македонската држава отсекогаш искрено и со почит ги прифаќала и негувала различностите, карактеристика која е олицитворение на антифашискиот дух на македонскиот народ.
Проблемот се јавува кога државата ќе мора да издвои државни ресурси и преземе мерки за унапредувањето на севкупните идентитетски и културни права на т.н. „самоосвестени“ македонски Бугари – заедница чие постоење се заснова на негирање на посебноста на македонскиот народ. Заедница која негува култура и верува во историскиот наратив кој го наметнува бугарската држава, односно во ставот на Ванчо Михајлов дека словенското население од Македонија низ вековите пројавувало бугарска етничка припадност“, вели Токарев.

Според него, со уставните измени, Македонија би прифатила законски обврски кон „самоосвестените“ македонски Бугари како што се обезбедување на право на образование на својот јазик и писмо, односно настава на бугарски јазик, право на програма на бугарски јазик на МТВ, основање на национални установи за унапредувањето на културата на македонските Бугари, како и државно финансирање на проекти од културата на македонските Бугари.

– МРТ би имала обврска да финансира и да емитува програми кои придонесуваат за негување и унапредување на знаењето и разбирањето за културниот идентитет на македонските Бугари во Македонија. Мора да сфатиме дека не може да се разбере културниот идентитет на „самоосвестените“ Бугари во Македонија без да се промовира теза на националната телевизија дека македонскиот народ низ вековите не постоел на оваа територија – додава тој.

Вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да директно влијае врз статусот на бугарските клубови кај нас затоа што би останале нелегални согласно Законот за здруженија и фондации, но со уставните измени државата ќе има обврска да основа установи со кои се унапредува и промовира културната и идентитетската посебност на македонските Бугари.

На овој начин, би се довеле во ситуација да финансираме бугарски иредентизам, што е и целта на Бугарија, смета Токарев.

– Секако, тоа е и целта на Бугарија, која нашата Влада не ја гледа или не сака да ја види поради нивниот поданички однос во надворешната политика и вазалството спрема лидерите од западните земји. Со уставните измени, Република Македонија практично презема обврска да финансира и поттикнува антимакедонска култура, историја и традиција. Иронично, македонската држава би имала законска обврска за помагање на бугарска асимилаторска пропаганда и издвојување на државни ресурси за негирање на македонскиот народ и трасирање на патот кон самоукинување на државата. Ниту една нормална држава не би се довела до ситуација да финансира антидржавни елементи и пропаганда против сопственото постоење, под било кои услови. Затоа, ставот на ВМРО-ДПМНЕ за исклучување на вакви уставни измени„во овој пратенички состав“, но не и во некој иден пратенички состав, е мошне проблематичен и навестува дека и најголемата опозициска партија е подготвена да воведе државно финансирање на бугарски ирентизам – потенцира Токарев за „А1он“.

Тој е еден од правниците кои сметаат дека Бугарија нема да запре со своите барања по внесувањето на ова малцинство во Уставот, односно на источниот сосед ќе му се зголемат апетитите затоа што неговите барања ќе бидат поткрепени во нашиот највисок правен акт.

– Со влегувањето на Бугарите во Уставот, Бугарија го добива правниот основ и рамка за сите свои понатамошни иредентистички барања. Практично, нашиот пат до Европската унија ќе води преку понатамошни законски измени за поттикнување на бугарскиот карактер на Македонија и македонскиот народ. Едно од таквите барања би била измена во Законот за празниците со цел прогласување за празник и неработен ден за припадницте на бугарската заедница – 3 март, Денот на ослободувањето на Бугарија, односно потпишувањето на Санстефанскиот договор со кој територијата на Македонија во 1878 година требало да и припадне на Бугарија. Симболично но контрадикторно со постоењето на самостојна и независна македонска држава.

Бугарија својата цел не ја крие. Претседателот Радев пред неполна година призна дека Бугарија „нема да дозволи легитимација на македонизмот во ЕУ.“ Власта, но и ВМРО-ДПМНЕ, мора да бидат чесни пред граѓаните и да признаат дека не постои ниту еден правен механизам, документ, декларација или слично со кои Бугарија би била во иднина спречена да стави вето на Македонија во било кој момент од преговите за влез во Европската унија. И јасно е дека тоа неограничено право на вето Бугарија максимално ќе го искористи, сé додека не ја постигне својата цел – бугаризација на Македонија и спремност на македонскиот народ да се откаже од сопственоста држава – коментира Токарев.

Би можело да ве интересира

Меџити: Сакаме да бидеме фактор во влада која ќе биде европски ориентирана

Александар Тодески

Биљал Касами: Нашата програма ќе биде дел од идната владина програма и во неа се состојат уставните измени

Меџити не кажува дали Уставните измени остануваат услов за формирање на влада: Сега сме фокусирани на победата

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени за продолжување на патот на земјата кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Османи: Уставни измени веднаш по изборите пред формирање влада

Орце Костов

Мицкоски: Техничка влада не е предмет на средбата, уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат