Со свечена академија во Скопје во присуство на многу јавни личности од општествено-политичкиот живот беше одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците, кој во Македонија е празник и неработен ден за припадниците на бошњачката заедница.
На настанот, организиран од бошњачките здруженија Форум на Бошњаците, Шадрван и Диван меѓу присутните беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, пратеникот во Собранието Зеќир Рамчиловиќ, пратеникот Кастриот Хоџа, претседателот на ИВЗ реис-ул улема Шаќир Фртаху, академик Ферид Мухиќ и многу др.
Во име на организаторите на присутните им се обрати Претседателот на Форумот на Бошњаците, Енес Шемсовиќ кој ги поздрави и им се заблагодари, истакнувајќи: „За нас Бошњаците. Македонија е наш дом, Бошњаците се една од најсилните кохезивни алки во општеството и поддршка на сите процеси кои ја дефинираа Македонија како суверена и независна држава.“
Во име на Владата на присутните им се обрати министерот Оливер Спасовски кој истакна:
„Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како матица на сите Бошњаци каде и да се наоѓаат, се поврзани со силно партнерство и заеднички стремежи за билатерална и регионална соработка во сите сфери, но и за внатрешна стабилност и развој, а вие Бошњаците сте составен дел од нашето културно и општествено милје, дел од прифатениот концепт „Едно општество за сите“.“