Од следната недела во Градската општа болница „8 Септември“ ќе има дополнителни 20 кревети за болни од Ковид-19, а со работа се очекува да почнат и 30 нововработени медицински сестри. Ковид центарот во болницата, со капацитет од 80 кревети, е постојано полн и се бара место повеќе. Директорот Христијан Костов, вели дека притисокот за сместување во оваа болница е многу голем, а болните кои не можат да ги хоспитализираат, ги прегледуваат и ги препраќаат во некои од одделенијата на клиниките прилагодени за болни од коронавирус.
„Во моментов имаме 80 заболени со коронавирус, сите кревети се полни и нема место за нови пациенти. Секогаш чуваме по пет – шест кревет за најтешките случаи, оти таквите доаѓаат кај нас, но еве денес примивме двајца такви пациенти од Штип. Од понеделник ќе имаме дополнителни 20 кревети. Еден кардиолошки оддел прилагодивме за болни од Ковид – 19. Веќе се поставени дозни, обезбеден е централен кислород и од понеделник веќе ќе може да се сместуваат пациенти и таму. Истовремено вработуваме и 30 медицински сестри. Во четврток полагаат тест, до крајот на неделава очекуваме да завршат сите процедури за и тие од понеделник да можат да почнат со работа. Со пренаменетиот оддел ќе имаме капацитет за сметување на 100 пациенти позитивни на Ковид – 19“, вели директорот Костов за „А1он“.

Болницата дневно троши по околу два тона кислород, а поради зголемената потреба го замениле и стариот петтонски резервоар за кислород, со нов кој собира 20 тони.
Директорот Костов вели дека дневно прегледуваат по 200 пациенти од кои над 100 се со приоритетни упати.
„Имаме по пет пациенти со инфаркти дневно. Болните од цела држава доаѓаат кај нас. Речиси и да нема период од денот во кој некое болничко комбе не е паркирано на влезот. Се прават по 15 операции на ден“, вели директорот Костов.
ГОБ „8 Септември“ прави дијализа и за позитивни и за лица кои се негативни на вирусот, а во болницата имале и неколку случаи на пациенти кои дошле со скршеници и се позитивни на вирусот.
Од септември годинава во „8 Септември“ функционира посебен тријажен центар за лица позитивни на Ковид – 19 кој е издвоен од ургентниот центар каде сега се згрижуваат сите останати пациенти. До септември таа функционираше како Ковид центар, единствен во земјава, а услугите за останатите болни беа сведени на минимум.