Во изминатите десет години сме финансирале 2.247 проекти за регионален развој со вкупна сума од 373 милиони евра или по 166 илјади евра по проект што е недоволно за добар економски развој. Се надевам дека до крјаот на октомври ќе биде изработена новата Стратегија за регионален развој за периодот 2020 – 2029 година што ја прави тим на експерти поддржани од Швајцарската развојна агенција и оти ќе овозможи подобар рамномерен развој, посочи денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој нагласи дека новата стратегија треба да биде функционална до крајот на годинава и да ги помине владините и собранските процедури за да не се доведе во прашање финасирањето преку МЛС на проектите кои се однесуваат на регионален развој за наредната година.
-Тоа е многу важно за да ги направиме идните контури на регионалниот развој во државата, бидејќи доаѓа и период кога треба да ги искористуваме и средствата од европските претпристани фондови за регионален развој. Се надевам дека покрај Министерството за локална самоуправа и другите министерства преку Советот за регионелен развој ќе можат да ја направат распределбата на средствата според степенот на развиеност. Во моментов само нашето Министерство ја почитува оваа методологија, а останатите министерства си работат по програми не водејќи сметка за регионалниот развој. Се надевам дека на тој начин сите еден отсто од средствата или околу 100 милиони евра, кои се предвидени за регионален развој, ќе бидат правилно распоредувани, изјави Милевски пред почетокот на работилницата за разгледување на нацрт на Студија со секторска анализа на земјоделството и руралниот развој наменета за Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за периодот 2020-2029 година.
Само на тој начин, потенцира, ќе се види ефектот од средствата што се инвестираат во рамномерен регионален развој. Посочи дека во моментов регионалниот развој не кореспондира со она што, како што рече во поздравниот говор, беше нашата желба или она што било заведено во претходната стратегија.
-Сакаме да направиме реална и објективна стратегија за наредните десет години во сите области и затоа е многу важно сите сектори да го дадат својот придонес во областа во која се засегнати. Приоритет на новата Влада е распределбата на средствата да оди преку Советот за регионален развој, кој го предводи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за да бидат правилно распоредени средствата согласно степенот на развиеност, рече Милевски и додаде дека МЛС досега најдобра соработка има со секторот земјоделство.
Лазо Димитров, одговорниот за изработка на Секторската анализа за земјоделство и рурален развој во рамките на националната стратегија за регионален развој 2020-2029, рече дека денеска се одржува првата работилница во рамки на 12-те секторски анализи кои се прават како дел од стратегијата.
-Денеска сме на првата работилница каде треба да ги согледаме клучните параметри во однос на земјоделството и руралниот развој, како и главните карактеристики на регионите и дисбалансите кои ги имаат и да поразговараме за предлог-мерките кои би требало да бидат преземени за да се надминат овие дисбаланси. Стратегијата за регионален развој треба да обезбеди рамномерен, балансиран и одржлив регионален развој на регионите и се изработува под надлежност на Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската амбасада, изјави Димитров пред почетокот на настанот.
На шест работилници како денешнава ќе се презенитраат 12-те секторски анализи кои ги подготви МЛС во соработка со проектната канцеларија на проектот „Одржлив, инклузивен, рамномерен регионален развој“ и група на реномирани експерти. Тие се во функција на подготовка на новиот програмски документ за регионален развој – 10-годишната стратегија за регионален развој и ќе бидат споделени со стручната јавност. Нејзината изработка, како што рече Милевски, доцни заради ненавреме изработената евалуација на изминатиот десет годишен период, која требало да биде готова уште минатата година.