Алијанса за Албанците и Алтернатива предложија законско решение со кое македонско државјанство може да добијат лица кои престојуваат во Македонија од 1991 година и за нив треба да посведочат тројца граѓани. Предлагачот бара законот да се донесе по скратена постапка и доколку се усвои, практично ќе значи дека овие граѓани кои ќе добијат државјанство би влегле во пописот што ќе се одржи на пролет. Образложението за носење ваков закон е дека со него ќе им се овозможи на лицата кои останале без македонско државјанство поради распадот на СФРЈ да го остварат ова право и во него се вели:
„Со дадена изјава од тројца сведоци кои ќе сведочат дека подносителот за добивање државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година или со дадена изјава од сведок кој во тој период бил жител или сè уште е жител во местото каде што живеело лицето“, се вели во еден член од предложениот закон.
Ваквото решение наидува на сериозни дилеми, затоа што никаде во светот не може да се стекне право на државјанство на ваков начин. Павле Трајанов од Демократскиот сојуз за „А1он“ вели дека законското решение е без анализа и доколку се донесе на брзина можно е да предизвика и меѓуетнички тензии.
„Да предложите ваков закон без темелна анализа е неприфатливо. Никаде во светот не се стекнува државјанство по основ на сведочење. Сите земји имаат ригидни закони, само ние со ваков предлог даваме можност лесно да се добие државјанство. По мое видување, има лица кои се без државјанство, тие се можеби не повеќе од 300, и нивниот статус може да се реши со постојните законски решенија. Бројката од 65 до 70 илјади лица без државјанство беше изнесена во минатото на комисиски расправи од страна на албанските пратеници. Но, сепак ќе кажам, за да се потврди таа бројка потребна е сеопфатна анализа, да бидат вклучени институциите на системот, МВР, МНР , а на крајот имаме постоечки закони, меѓународни конвенции на кои Македонија е потписник и по кои може да се води за да го реши проблемот“, вели Трајанов.
Во предложеното законско решение постои уште еден спорен член во кој се вели дека подносителот треба да познава еден од службените јазици до тој степен да се разбере со околината. Трајанов во однос на ова вели дека очигледно лицата кои ќе бараат државјанство не мора да го познаваат македонскиот јазик, што остава простор за сомнеж.
„Идниот државјанин не мора да го познава македонскиот јазик, а како тогаш тој се стекнува со ова право? Вакво законско решение може да предизвика и меѓуетнички тензии“, додава Трајанов.
Ниту СДСМ ниту ВМРО ДПМНЕ не се децидни дали ова решение ќе го отфрлат. Од пратеничката група на СДСМ велат дека за законско решение ќе разговараат со предлагачот, односно опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива и дека ќе предложат амандмани со цел подобрувањето законот да биде прифатливо за сите.
„На текстот на законот имаме сериозни забелешки. Гласавме за потребата од скратена постапка, законот да влезе во процедура, да се дискутира за него, бидејќи е долгогодишен проблем за државата. Секако забелешките и корекциите кои ќе ги побараме ќе бидат во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање вакви проблеми. Решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситација со решавање на ова прашање да отвориме други. За измените на текстот ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме по пат на амандмани, а целта ќе биде обезбедување поширок концензус“, изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието.
Од ВМРО -ДПМНЕ засега немаат став како пратеничката група ќе постапи по предложениот закон, односно дали ќе го отфрлат или ќе поднесат амандмани. За „А1он“ кажаа дека нивниот став ќе го изнесат подоцна во текот на денот.
Инаку, прелог-законот беше објавен пред дестина дена, а поднесен од 7 пратеници од албанскиот опозициски блок по скратена постапка. Се изгласа потребата од носење на ваков закон, по кој треба да се дискутира пред матичните собраниски комисии, а потоа и на пленарна седница.