Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, планира да привлекува странски туристи со спортско-адреналински парк на кејот од Вардар. Ова задоволство чини повеќе од 54 милиони денари, односно приближно 877 илјади евра.
Богоев планира местото да привлекува нови туристи со лежалки за рекреација, мини плоштад, детско и игралиште за одбојка и фудбал на песок, како и со реконструираниот скејт-парк. Од Општината велат дека адреналинскиот дел ќе биде одење по јаже, во тунел, низ буриња, летви и со сајли. Ако досега постојните реквизти, како скејт-паркот и детското игралиште, можеа слободно да се користат, по изградбата, за нивно користење ќе се плаќа влезници.
Дел од средствата за изградбата ќе ги плати Европската Унија, а 7 милиони денари ќе треба да се одвојат од општинска каса. Со овие пари просторот од 6.500 квадратни метри ќе се доградува. На јавната расправа присуствуваа само пет жители на општината, а немаше интерес од страна на граѓанските здруженија иако биле поканети.
Трошоците за одржување на просторот се многубројни, но од Општината тврдат дека овој проект, кој со градба ќе почне во мај, нема да троши буџетски пари. Според нив, трошоците ќе се плаќаат од продажба на влезници. Најверојатно, иако не е дефинирано, за новиот парк во Карпош ќе мора да се формира и ново јавно претпријатие. За да биде заштитен од вандали, ќе има пет чуварски служби.
„Едната опција е јавно претпријатие, другата е јавно-приватно партнерство. Планираме над 15.000 посети од април до октомври, сезоната кога паркот ќе биде отворен. Планираме да соработуваме со туристички агенции, но и со основните училишта, кои ќе може да ги носат учениците на дневна екскурзија во паркот“, вели претставникот на Општината, Марина Филиповска.
Додека сите беа воодушевени од планот за новиот парк на кејот од Вардар, жителка на Карпош за време на јавната презентација негодуваше за изградба на овој проект. Таа рече дека новата градба не личела на парк оти нема количина и густина на дрвја и зеленило.
„На Скопје ќе му користи ако тој појас од Вардар се пошуми со дрвја. Сметам дека покорисно и во иднина и сега ќе биде на овие делови да има повеќе шуми отколку забавни паркови. Ова е работа на профитабилност за да привлече луѓе, исто како трговските центри“, рече жителката.
Непознато е кога паркот ќе биде пуштен во употреба, исто како што не се знае ни цената на влезниците, но, според општинарите, би се движела околу 200 денари.
Кристијан Ландов