По две и пол години молк од МВР за насилните протести во Општина Центар, заменикот командир Милисав Мијаличиќ кажа дека овој случај е даден во Јавното обвинителство во октомври 2015 година.
Прашања до претставникот од МВР беа поставувани единствено од советниците од редовите на коалицијата на СДСМ, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата без никаков коментар го изгласаа извештајот.
– Сите ние, а и јавноста знае дека две години по ред не го усвојуваме извештајот за тековната година бидејќи МВР не направи ништо да го расчисти случајот со вандалскиот напад на Општина Центар. Група граѓани под закрила на некоја организација ја нападнаа Општина Центар и ги загрозија животите на советниците, на стручните служби вработени во Центар и на претставниците на медиумите, рече советникот Игор Алаџајков од редовите на СДСМ.
Тој кажа дека ова прашање било поставувано најмалку десетина пати и од страна на советниците и од страна на градоначалникот, но досега немаат добиено никаков одговор.
Според претставникот на МВР, одговри за тоа до каде е случајот треба да се побараат од Основното јавно обвинителство.
– МВР и поранешната министерка не можеа да ги лоцираат строителите иако еден од нив се сликаше и со поранешниот премиер и со поранешната министерка, но одговор на прашањето не добивме, рече Алаџајков, додавајќи дека експресно биле приведени децата кои протестираа пред владата минатиот мај.
Овој настан го имаше и во прислушуваните разговори кои ги презентираше пред јавноста лидерот на СДСМ, Зоран Заев, според кого, тогашниот премиер, Никола Груевски нарачува шамари за градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Советничката од редовите на СДСМ, Цветанка Симоновска пак, потсети на уште еден упад, каде со црни вреќи беа извлечени документи од Општината.
– Јас го расчистив овој предмет за неполни 24 часа. Се работи за група роми излезени од затвор, а предметите ги најдовме во контејнер. Сторителот кој го изврши ова дело е во затвор, рече Мијаличиќ.
Советничката група на СДСМ и коалицијата се стави на располагање на органите како сведоци на овој немил настан. За прв пат овој состав на Советот на општина Центар го усвојува годишниот извештај за работата на ПС Центар. До сега мнозинството од советниците гласаше против, поради нерасчистување на нападот на општината.
Александар Тодески