Случај ЕВН Електрани: како се одвиваше шемата за продажба на нивите за 1,5 милиони евра

Од:

Наместо електрична енергија добиена од фотоволтаици за потребите на ЕВН Електрани, сомнителните продажби на парцели во Делчево и Берово, „произведоа“ кривична пријава за двајца луѓе од врвот на енергетската компанија како и неколку лица од Малешевијата. Но, како се започна?

Јавноста, најверојатно, и немаше да дознае за акцијата на Управата за финансиска полиција се’ до денеска, доколку пратеникот Јован Јаулески не ја „алармираше“ јавноста дека финансиски истражители прават претрес во неговиот дом на 11 ноември минатата година. Претрес, кој всушност, отпосле се испостави дека се случил кај неговиот татко, Радослав Јаулески, кој пак е вработен во ЕВН Македонија. Дали и каква била улогата на Радослав Јаулески во сомнителните трансакции на пари помеѓу ЕВН Електрани и неколку лица од Делчево, засега нема информација.

Од ниви до милион ипол евра

Од она што досега е јавно познато, осомничените Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски и неговата сопруга Марија Илиевски, сите од Делчево, добиле на подарок ниви од други лица, кои ги стекнале во сопственост на 1 септември 2021 година. Три недели подоцна, односно на 21 септември, парцелите чија вредност е проценета од страна на општината на 20 денари за метар квадратен, се продадени на ЕВН Електрани и за повеќе од 800 денари за метар квадратен. Се работи за ниски катастарски класи на земјиште, кои имаат и ниска пазарна вредност.

Но, јавно достапниот документ кој го пронајде А1он, објавен на страницата на Службен весник, фрла дополнителен сомнеж на приказната за купопродажба на парцелите. Имено, на 20 септември,  Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски и неговата сопруга Марија, преку нотари објавуваат оглас за продажба на истите парцели, за кои само еден ден подоцна, на 21 септември, склучуваат договор за продажба на ЕВН Електрани.

Во време кога аферата за прв пат изби во јавноста, во ноември минатата година, А1он.мк веќе пишуваше дека истрагата утврдила оти физичките лица во чија сопственост било земјиштето во Делчево пред да почне да се препродава, само во документацијата било отстапено како дар. Според информациите кои ги објавивме тогаш, првичните сопственици биле исплатени во кеш, а во документацијата се согласиле да пишува дека го подариле. До тој момент, предистрагата покажа дека дарувањето било неопходно за во јавноста да не се дознае за продажбата, бидејќи промената на сопственост на земјоделското земјиште на кој било друг начин, задолжително треба да се огласи во Службен весник. За потсетување, откако Тодоровски и брачниот пар Илиевски го добиле во своја сопственост, го објавиле за продажба во Службен весник и за само еден ден го продале на ЕВН Електрани.

Покрај Делчево, ваквата шема на добивање ниви на подарок и нивно подоцнежно продавање на ЕВН Електрани постои и во Берово. Но, само во обид. Пехчевецот Дарко Ќурчиски, иако склучил договор со ЕВН Електрани, сепак, не успеал да го реализира до крај. Дали причината за тоа е алармот од Финансиската полиција која насетила сомнителни трансакции, одговорот ќе треба да го открие институцијата. Во меѓувреме, дека трансакцијата не е финализирана, ни потврдија и од општина Берово, бидејќи се уште не бил платен данокот за купопродажбата.

Осомничените политички обоени

Буквално сите седуммина осомничени во случајот за сомнителни трансакции со продажба на парцели на ЕВН за изградба на фотоволтаици, имаат некаква линија на поврзување со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За дел од нив, А1он пишуваше и кога за случајот дозна јавноста.

Игор Гиевски – управител на ЕВН Електрани, инаку поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Мирослав Митровскиуправител на ЕВН Електрани, син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров во три мандати, Сокол Митровски.

Влатко и Марија Илиевски – Влатко Илиевски е личност за кој поранешната пратеничка Славјанка Петровска на прес конференција излезе со тврдење дека е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Дарко Ќурчиски – бизнисмен, сопственик на бензинска пумпа ОИЛ ДЕ во Делчево. Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека покрај оваа фирма, Ќурчиски се појавува и како овластено лице и во друга компанија,Ал Дариф ДОО. Гугл не дава многу информации од пребарувањето на оваа компанија, освен еден документ од 2020-та година. Се работи за жалба на компанијата по јавна набавка, во која како полномошник се појавува Панче Тошковски, адвокат, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ.


Дарко Тодоровски – поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, во периодот од 2013 – 2017 година. Финансиската полиција во јануари годинава, побара замрзнување на неговиот имот, откако следејќи ја трагата на парите утврдила дека се пуштаат во оптек. Според документот до кои дојде А1он, откако добиените парцели на подарок ги продал на ЕВН Електрани, Тодоровски тргнал во акција, овој пат, за купување нови парцели. Во купопродажниот договор пишува дека жителка на Македонска каменица му продала 11 071 метри квадратни земја во Делчевско. Договорената цена за продажба е 0,7 евра за метар квадратен или 43 денари за метар квадратен. За потсетување, тој парцелите на ЕВН Електрани ги продава за 800 денари за метар квадратен неполн месец претходно. Но, Тодоровски не застанал тука.  Пред четири месеци, јавно на Фејсбук се пофали дека купил кафеана во Делчево. Тоа го потврдува и јавно достапниот податок од Агенцијата за катастар. Според документот кој успеа да го добие А1он.мк, на 18 јануари, Тодоровски купил деловен простор – кафеана и спрат од куќа за фантастични 220 000 евра.


Орце Тодоровски – Ефто – Финансиската полиција изврши претрес во неговиот дом на почетокот на февруари, но, не ја откри која е неговата улога во процесот, ако се земе во предвид дека тој не продавал парцели на ЕВН Електрани. Доколку неговото име се пребарува на интернет, резултатите покажуваат дека Тодоровски во 2011 година купил државно земјиште наменето за изградба на хотели за багателни цени со одлука на тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за земјиште на планината Голак, за кое Тодоровски добил одобрение за градба во октомври 2013 година. Понатаму, Тодоровски се појавува и како еден од основачите на компаниите заедно со Христијан Мицкоски во бизнисот со мали хидроцентрали. Во медиумите, новинарите го пишуваа неговото име како советник за одбранбени прашања на Мицкоски во 2019 година. Неговата сопруга, пак, е дел од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и вработена во ЕВН Македонија. Името на Тодоровски се појавува и како донатор на кампањата за локалните избори на независната кандидатка, Данела Арсовска, која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.Орце Тодоровски е и еден од сопствениците на компанијата М – Лаб ДООЕЛ Скопје, компанија за одгледување на канабис.

Откако аферата за прв пат доби јавност, владејачката СДСМ во неколку наврати обвинуваше дека со испумпаните пари од ЕВН Електрани, лицата учествувале во нелегално финансирање на политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. До овој момент, од Финансиската полиција такви наоди нема.

Денеска, Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава за овие лица осомничени во случајот за продажба на парцели на ЕВН Електрани за сума од 1,5 милиони евра.

 

Би можело да ве интересира

Осомничените за „Делчевски ниви“ да излезат од затворот во Шутка, му предлага обвинителот на судот

Кристијан Ландов

Одредени притвори на осомничените за продажбата на парцели за „ЕВН Електрани“

Ландов

ВИДЕО: Осомничените за парцелите во Делчево спроведени во суд

Ана Ололовска

Седуммина осомничени за измама во службата

Ана Ололовска

Уапсени Митровски, Гиевски и петте вмешани во продажбата на парцели за „ЕВН Електрани“

Ана Ололовска

Двајца управители во ЕВН и уште петмина добија кривични пријави за продажбата на земјиштето во Делчево

А1он