Слободан Најдовски: Стравуваат да не се дознае вистината, затоа бараат Груевски да сведочи на затворена седница

Од:

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето добива размери на фарса откако пратениците покажаа дека поважни им се деловничките прашања и нивното лично толкување на процедурите, отколку целта да се утврди политичка одговорност. Поранешниот пратеник на ЛДП, Слободан Најдовски, кој во два наврати бил претседател на анкетни комисии во Собранието, вели дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ очигледно се плашат јавноста да ја дознае вистината за прислушување и затоа бараат затворање на седниците.

Недоаѓањето на функционерите од оваа партија пред Анкетна, како што вели тој, покажува безобразие од нивна страна, непочитување на законодавниот дом, но и дека со леснотија ги прекршуваат законите и Уставот на државата. Медиумите се тие што треба да извршат притисок за Анкетната комисија да проработи, но медиумите, вели, за жал, се под контрола на оние што не сакаат да се дознае вистината.

Најдовски во 1996 година бил претседател на анкетната комисија за злоупотреба во јавните набавки, а во 2005 година на комисија за „Експорт-импорт“ банка. Денес е економски аналитичар и колумнист.

Како гледате на досегашната работа во Анкетната комисија за скандалот со прислушување и на тоа што закажаното сослушување го избегнаа првите четири сведоци, Груевски, Ставрески, Протоѓер и Мијалков?

Со непојавувањето пред Комисијата, Груевски само потврди дека не го почитува Деловникот на Собранието, ниту Уставот. Според мое мислење само уште еднаш потврди дека Македонија не е парламентарна демократија туку авторитарна држава. Очигледно е дека се нарушени основните принципи на парламентарната демократија, бидејќи парламентот треба да ја контролира извршната власт, Владата и во секоја нормална држава министрите и премиерот треперат пред пратениците. Нивното појавување пред парламентот претставува голема одговорност каде под прашање се ставени нивните политички кариери. Ова кај нас е само продолжение на нивното досегашно однесување и одраз, потврда дека не го почитуваат ниту парламентот, ниту Уставот и законите. Тоа не само што е безобразно однесување, туку е и надвор од сите принципи на една демократија. Груевски, Ставревски и Мијалков го прекршија Уставот. Во која било држава да се случи претставник на извршната власт да не се појави на сослушување, ќе нема медиум што нема да побара оставка од таков политичар.

Која е тогаш улогата на медиумите во утврдување на фактите во овој случај?

Во двата наврати кога јас бев претседател на анкетна комисија, медиумите ја одиграа главната улога. За жал кај нас состојбата со медиумите е една од причините за неуспехот на Анкетната комисија. Медиумите се тие кои ја отвораат вистината и ги принудуваат политичари да соработуваат за да се утврди вистината. Да бевме нормална држава медиумите се тие што ќе ги расчеречија функционерите за нивното непојавување и ќе ги принудеа да се појават. Во една од комисиите што ги водев, моравме да ги затвориме седниците затоа што разгледувавме документи со највисок степен на државна тајна. Во таков случај медиумите не можеа директно да следат, но во секој момент беа информирани за текот на работата. Имавме силна поддршка од медиумите и тогаш успеавме да постигнеме напредок. За жал оваа Анкетна не може да отпочне со работа.

Во една од анкетните кои сте ги воделе бил сослушуван сегашниот премиер, тогашен пратеник Никола Груевски. Како тоа тогаш немал проблем да се појави на сослушувањето, а сега го одложува своето сведочење? Што е сменето?

Сметам дека тоа што Груевски не присуствува најмногу се должи на тоа што неговото појавување или непојавување воопшто не влијае на впечатокот кој ќе го остави во јавноста. За тоа придонесуваат контролираните медиуми, телевизиите кои се под директна контрола на власта. Груевски тоа го користи максимално и затоа не се појавува. Тој сака да ја одложи и да ја банализира работата на Комисијата за да не дојде до некакви заклучоци. И во самата Комисија многу повеќе пратениците го свртуваат вниманието на несогласувањето меѓу себе отколку на самата суштина. Анкетната се уште нема започнато да расправа за суштината на проблемот. Кога јас ги предводев анкетните комисии, од прв ден го формиравме делокгругот на работа и крајната цел. Воопшто немав проблем во комисиите додека се работеше на утврдување на фактите. И двете комисии беа неуспешни само во едно. Се појави проблем кога требаше да се усвои крајниот извештај иако редовно се носеа заклучоците од претходните седници. На крај не успеавме да собереме кворум. Бевме присутни јас како претставник од ЛДП и СДСМ, но не доаѓаше претставникот од ДУП и двајцата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше два месеци пред изборите во 2006 година и се виде дека имало договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за да не се усвои извештај во кој точно беше утврдена одговорност на Никола Груевски и неколку функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

Треба ли да бидат затворени седниците на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето како што бараат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ? Бидејќи сепак станува збор наводи како злоупотреба на овластувања, корупција, партизација на институции, изборни манипулации и.т.н.

Во овој случај станува збор за информации кои станале достапни за јавноста, информации кои ги знаат и врапчињата на гранките и не може да стане збор за исклучување на јавноста. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да кажат точно за кои информации и документи бараат исклучување. Тука треба да се направи дистинкција. Точно е дека законот го овозможува тоа, но сметам дека во овој случај веќе нема документ кој не бил достапен за јавноста. Не може класифицирани документи да бидат оние каде што министерката за внатрешни работи вели дека штабот на ВМРО-ДПМНЕ се преселил во МВР. Освен тоа, нема класифицирана информација која е говорна, класифицирана информација е ако постои документ кој е означен со степен на доверливост. Имајте во предвид дека анкетната комисија за сослушувањето на Клинтон расправаше со строго доверливи информации за амбасадата во Либија, а сепак јавноста беше целосно информирана. Ако некој дал наредба да се прислушуваат одредени носители на државни функции, таков документ мора да излезе во јавност. Според мене и да има документи од класифицирана природа, надлежните институции треба да ја тргнат доверливоста затоа што овој случај треба да се разјасни до крај, да се отвори до крај и да придонесе за развој на демократијата. Во спротивно ќе има негативни последици за Македонија.

Како тогаш да го толкуваме нивното инсистирање за затворени седници?

Тоа е страв од дознавање на вистината и заштита на носителите на државни функции. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стравуваат дека ќе се дознае вистината околу прислушувањето кога премиерот и другите претставници на властта ќе одговараат пред Комисијата. Со нивните постапки покажуваат дека бегаат од опасноста јавно да се дознае вистината за прислушувањето и содржината на разговорите. Во таков случај, тие со контрола на медиумите ја манипулираат јавноста и затоа не сакаат седниците да бидат отворени. Доколку сметаат дека има класифицирани документи кои до сега не биле достапни за јавноста, треба да побараат затворање само за тој дел. Во овој случај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се во право и очигледно само сакаат да ја спроведат наредбата на премиерот.

Треба ли пратеничката Силвана Бонева да биде член на Комисијата затоа што е компромитирана во дел од бомбите? Постои ли можност да ја опструира работата на Комисијата затоа што има лични интереси, и да не биде објективен нејзиниот удел во работата?

Секој што е инволвиран во прислушувањето, може да биде на страна на оние што ќе бидат сослушувани. Пратеници кои се инволвирани не треба да членуваат во Комисијата за да има објективност и да има валидност извештајот. Но уште во самиот старт формирање на Комисија за одговорност на политичари од власта, во која мнозинство ќе имаат пратеници од власта, е Комисија е осудена на неуспех.

Олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте го нарече нашиот парламент нефункционален. Ни се потврдува ли повторно преку Анкетна дека во Собранието се уште можеме да слушаме лаги, манипулации, извртување на фактите и партиски интереси, но не и да слушнеме за правда и вистина?

Видете, некој може да зборува дека и порано било така, но не е точно. Постои страшна разлика во парламентот до 2006 година и после 2006. Пратениците никогаш не биле доведени во оваа крајно понижувачка ситуација како овие години додека Груевски е премиер. Додека траеше сослушувањето за „Експорт-импорт“ банка не смееше да се помисли некој од повиканите да не се појави. До 2006 ниту еднаш не се случило Владата да им нареди на пратениците нешто и да се крие зад пратениците. Парламентот сепак играше некаква улога. Во 2006 година и вративме закони на Владата за Телеком, тогаш како пратеници не се согласувавме со некои решенија. Во 2005 Комисијата за економија не го изгласа буџетот, пратениците од власта покажаа самостојност. Никогаш на пратенички прашања пратеници од власта не му давале шанса на премиерот да се пофали и пола саат да држи предавање, секогаш се прашувало за одредени проблеми кои не биле решени. Можам да зборувам од лично искуство, поголема контрола на пратеници немало ни во социјализмот, јас зафатив малку и од тоа време. Ваква контрола врз пратениците, ваква сервилност не ми е позната. Не да не е функциионален, парламентот е екстремно функционрален но исклучиво во сервилноста кон Владата. Затоа имаме авторитарен систем. Знаете во ВМРО-ДПМНЕ никој не може ништо да му пререче на претседателот. Ние имаме раководење на државата од само еден човек и затоа нашиот парламент веќе не постои. Кај нас е нефункционална целата држава, а не само парламентот.

Што мислите како ќе резултира работата на Комисијата?

Сигурен сум дека оваа Комисија нема да усвои заклучоци, тоа мислам дека ќе биде епилог. Може да оди во две насоки едната е претседателот на Комисијата да предложи заклучоци кои мнозинството нема да ги усвои. Втора поверојатна, а перверзна насока би била пратениците од ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ДПА да предложат и да усвојат заклучоци кои ќе бидат смешни и ќе утврдат дека претставниците на власта се невини. Веќе станува бесмислена работата на Анкетната комисија и, без да заземам страна, бесмисленоста ја прават очигледно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, потпомогнати од ДПА и ДУИ.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

(ВИДЕО) Интервју со Таравари: Рама и Курти ме поддржаа да се кандидирам, тоа не е мешање во Македонија, поддршка може да даде секој

(ВИДЕО) Интервју со Ванковска: Да излеземе од НАТО, а договорите со Грција и Бугарија да се поништат, ако мислиме дека не може, тогаш сите во Вардар

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Јакимовски: Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ мора да најдеме алтернатива, ова стана поигрување со нацијата

Александар Тодески

Карлсон: Ме следеа пред разговорот со Путин

Горан Наумовски