Следната недела кај нас треба да стигне коктел – инјекцијата со која од Ковид – 19 се излекува поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Министерот за здравство, Венко Филипче, денес извести дека новиот лек чекаат да пристигне следната недела.
„Нова терапија има само една. Тоа е таа терапија на едно специфично антитело. Ја набавувавме преку заедничкиот систем за набавка на Европската Унија. Беше најавено дека ќе стигне во период од две недели, веројатно некаде следната недела треба да пристигне. Има специфична индикација кога се дава, на почеток на болеста, во раната фаза. Тоа е терапија која почна да се користи во САД и влијае на намалување на репликацијата на вирусот“, рече министерот Филипче.
Лекот го произведува американската компанија „Регенерон“, а од нашето Министерство за здравство кажаа дека го нарачале лекот во јануари годинава. Очекувањата беа лекот да стигне кај нас истовремено кога ќе биде на располагање на европските земји.
Коктелот на американската биотехнолошка компанија „Регенерон“, според досегашните објави во медиумите, содржи комбинација од две специјално развиени антитела кои се врзуваат со „заразниот“ протеин на коронавирусот и на тој начин ја деформираат неговата структура, спречуваат да ги нападне човековите клетки и да се развива. Инјектирањето на антителата може да помогне во спречување тешки заболувања кај пациенти во рана фаза.
„Регенерон“ во јануари објави студија која покажува дека нивниот коктел делува и на мутациите на вирусот.