За значењето на Студенчишкото Блато пишувале и првите истражувачи на Охридското Езеро. Познатиот географ Цвијиќ уште во 1911 година веднаш увидел дека Блатото е интегрален дел на Охридското Езеро – нивото на водата во Блатото било поврзано со нивото на Охридското Езеро; голем број риби од Езерото се мрестеле во Блатото. Тогаш Студенчишкото Блато се простирало од двете страни на Студенчишката Река (која денес е прокопана во Студенчишки Канал). За блатата околу Езерото пишувал и Синиша Станковиќ во својата позната книга „Охридското Езеро и неговиот жив свет“. Сведоштва за разновидноста на видовите од Студенчишкото Блато можат да се најдат во музејот „Никола Незлобински“ во Струга.
Дали се уште постои блатото? Дали е вредно да постои? Каква функција има? Дали е тоа само извор на комарци и маларија? Се чудам зошто после 100 години повторно ги поставуваме истите прашања. Зарем, се уште не сфаќаме дека природните екосистеми имаат вредност сама по себе, но и мерлива вредност за човештвото. Студенчишкото Блато претставува природен филтер на Охридското Езеро, сè уште е мрестилиште или засолниште за некои риби, претставува рефугиум на ретки растителни видови, овозможува опстанок на ендемични видови со кои сите се гордееме, претставува простор во кој живеат различни видови птици од интерес за набљудувачите на птици, па и на ловците, во Блатото се одвиваат интересни еколошки процеси од интерес за истражувачите, пружа прекрасна глетка на која можат да се насладуваат љубителите на природата… Значи, Студенчишкото Блато има вредност за сите. Иако, не сите тоа го сфаќаат, особено не оние кои гледаат низ призмата на парите. Изградбата на марина, станбени згради, елитна населба, бензински пумпи и голф терени ќе го уништат сето тоа. Единствено ќар ќе имаат мала група луѓе кои сакаат да се покажат – дека имаат глисер или јахта, дека станале дел од некоја висока бизнис или политичка елита.
Главната побуда зошто го пишувам овој текст е непознавањето на вредностите на Студенчишкото Блато. За мене беше пријатно изненадување кога пред пет години, Општината Охрид побара да се изработи Студија за природните вредности на Студенчишкото Блато. Оваа студија е изработена и во неа се содржи предлог за заштита и ревитализација на Студенчишкото Блато, негово одржливо искористување во туристички цели, а не негово уништување преку изградба на инфраструктура. Дел од стручните работи кои се однесуваат на биолошките вредности на Блатото ќе ги искажам на скратен начин. Сите оние кои сакаат да прочитаат нешто повеќе може да се обратат до Општина Охрид и да ја побараат Студијата или други документи што општината ги поседува – ваквите информации се од јавен карактер и треба да им бидат достапни на граѓаните по упатено писмено барање.
Но, да почнеме од почеток. Дали има Блато? Дали е нешто останато? Одговорот на овие прашања може да ни даде анализа на минатото, иако за жал за тоа имаме малку податоци. Пред стотина години Студенчишкото Блато било огромно. Повеќето охриѓани знаат или слушнале дека Блатото или блатни екосистеми се простирале уште од Гимназијата „Св. Климент Охридски“, сè до Горица. Со урбанизацијата и ширењето на Охрид, изградбата на спортскиот центар, површината на Блатото е драстично намалена.
Значи Блатото е уште тука. Мало е, ама постои. И вредно е да се зачува како сведоштво на богатата природа на во охридскиот регион. Токму на таа природа и природните ресурси ја должиме вековната цивилизација на Охрид.
Живеалишта и заедници во Студенчишкото Блато
Природните живеалишта (хабитати) во географскиот простор на Студенчишкото
Блато се:
- мочуриште – природно живеалиште што е постојано потопено со вода (денеска има многу малку).
- блато – повеќе или помалку континуирано поплавувани природни заедници, најчесто пресушуваат во определен период од годината (главнината од она што луѓето го подразбираат под „блато“). Денес, блатата и мочуриштата се простираат на околу 25 ha.
- влажни ливади – тревести заедници на полувлажни места, кои се наоѓаат на периферијата на блатните заедници.
Во последните 20 години во Блатото беа одлагани големи количества градежен шут со кој се препокриени околу 2 ha влажни ливади и 4 ha блатни заедници. На овој начин се уништени делови и од реликтната заедница на бусенестата острика. Покрај природните, на просторот на Блатото среќаваат и други живеалишта (земјоделски површини, инфраструктура).
За биолозите и заштитарите на природата е важно какви живеалишта и заедници постојат на определен простор бидејќи тие се предуслов за опстанок на растителните и животинските видови. Во Студенчишкото Блато се развива:
- 1. Заедница на трската (со три варијанти: чиста трска, доминација на ситка и доминација на теснолисен рогоз). Заедницата на трската е показател за виталноста на блатата. Имено, со намалување на водата во блатата доаѓа до нивно зараснување со трска што го забрзува изумирањето (зараснувањето) на блатата.
- Заедницатa на водното енанте и водната рорипа се среќава во вид на мали оази во поплитките места на блатата, каде длабочината на водата се движи помеѓу 40 и 50 cm. Тоа се места каде нивото на површинската вода во текот на годината многу осцилира, а во летните месеци сосема испарува. Во минатото во оваа заедница се развивал и белиот лотос.
- Заедницата на водна трева со спарганиум се развива покрај канали со вода, која тече бавно, а формира блатни ливадски состоини кои некогаш се простирале на големи површини.
- Заедница на бусенестата острика (Caricetum elatae). Ова е најважната заедница во Студенчишкото Блато. Таа во геолошкото минато била распространета по котлините, но заради специфичните климатски услови опстанала единствено во Охридската Котлина. До педесеттите години на XX век била позната за Охридското и Струшкото Блато. Струшкото Блато е скоро целосно исушено со што од таму исчезнала оваа многу интересна заедница. Денес, Студенчишкото Блато е единственото нејзино наоѓалиште во Македонија. Заедницата се развива во депресии кои постојано се плавени или имаат високи подземни води. Водата се задржува на некои места во тек на целата година. Во периферните делови, кои се нешто повисоки, водата може да се повлече во тек на летото, но почвата jа задржува својата влажност. Оваа заедница бара навистина влажни услови, не само во почвата туку и на воздухот. Во останатите котлини во Македонија се забележува определена семиаридност (полусуша) во тек на летото што не погодува на развојот на оваа заедница. Во минатите периоди поголем дел од котлините во Македонија биле заезерени. Со постепеното изумирање на езерата се зголемувале површините под блатна вегетација. За време на глацијацијата, климата била постудена и повлажна и оваа заедница била богато развиена. Со затоплувањето на климата во постглацијалните периоди, ваквите заедници исчезнале или се повлекувале на север. Заедницата на бусенестата острика се задржала само во Охридската Котлина заради директното влијание на Охридското Езеро (поврзаноста на водата од Езерото со водата од блатата и одржување на повисоко ниво на вода), а веројатно и заради индиректното влијание (зголемување на влажноста на воздухот и намалување на температурите во тек на летниот период).
- И заедницата на киселата трева (Cyperetum longi) имала сличен развој како и заедницата на бусенестата острика. Височината на состоините се движи помеѓу 150 и 200 cm. Заедницата се развива по места кои во пролетните и зимските месеци се под вода, а во летните месеци, по косењето, почвата се суши и пука. Оваа заедница имала мало економско значење. Се коси двапати во годината, но сеното е со низок квалитет и се употребува за постилање во шталите. Во Македонија се среќава и во остатоците од другите блата. Во Студенчишкото Блато е најдена една многу мала состоина во близина на плажата „Куба Либре“. Прашање е само на време кога таа ќе биде целосно уништена. Еден дел од оваа заедница беше уништен заради изградба на паркинг простор, а еден друг дел од оваа претходно е претворен во нива.
Кои растенија и животни мораме да ги зачуваме во Студенчишкото Блато
Се разбира дека Студенчишкото Блато мора да биде зачувано во целина, а со оглед на неговата моментална состојба тоа мора да биде ревитализирано. Сепак, во продолжениe ќе се обидам да ги претставам најважните видови кои Македонија кои мора да ги заштити и зачува и други видови кои побудуваат поголем интерес. Некои од нив можете да ги видите на оригиналните фотографии – сите се направени во Студенчишкото Блато во последните неколку години.
Ако ја нема бусенестата острика (Carex elata), тогаш ќе ја нема и најспецифичната заедница во Блатото. Овој вид го има само во Студенчишкото Блато и на ниедно друго место во Македонија. Слична е состојбата со киселата трева која во Блатото е во многу позагрижувачка состојба.
Воден полигонум (Polygonum amphibium) е редок вид во Македонија кој е во опасност од исчезнување од Студенчишкото Блато.
Подводен цератофилум (Ceratophyllum submersum) е исто така редок вид во Македонија кој е во опасност од исчезнување од Студенчишкото Блато.
Висибаба (Leucojum aestivum) – ова е ретко растение во Македонија. Го има во Блатото, но и Горица 1. И на двете места немилосрдно се уништува неговата популација бидејќи „мораме“ да правиме паркинзи за автомобилите и да се фрла градежниот шут.
Мал лотос (Hydrocharis morsus-ranae) – мочуришно растение кое го има во Блатото на места со повеќе вода. Можете да го видите позади Куба Либре (ако некој во меѓувреме не направил паркинг или си направил нива).
Водна копривка (Utricularia sp.) – прекрасно месојадно растение. Неговите жолти цветови излегуваат над површината на водата, но внатре во водата е вистински грабливец. По стеблото има бројни подуени творби кои претставуваат замки за различни водни животинки (ракчиња, ларви од комарци) со кои се исхранува ова растение. Растението го „вшмукува“ пленот во замката која се затвора за десетина милисекунди.
Во Студенчишкото Блато се најдени 11 ендемични и 5 ретки видови дијатомеи (силикатни алги). Ендемичните видови се досега познати за Охридското Езеро или пак за Изворите кај Св. Наум. Оваа година е опишан еден нов вид за науката – Gomphonema parainsigne чија скенинг електронска микрофотографијa можете да ја видите благодарение на проф. д-р Златко Левков.
Повеќе видови вилински коњчиња. Некогаш живееле 34 видови. Во моментот ги има сигурно многу помалку.
Неколку видови ретки тврдокрилци од фамилијата на тркачите кои се поврзани со блатни екосистеми. Десетина видови се исклучително ретки во Македонија.
Македонската еднодневка (Heptagenia macedonica) која заслужува посебно внимание.
Во изворите кои го хранат Студенчишкото Блато живеат девет видови планарии кои се ендемични за изворите по крајбрежјето на Охридското Езеро или самото езеро. Никако не смееме да ги заборавиме бројните видови полжави, ракчиња, црви, пијавици, водни инсекти кои живеат во Блатото.
Во Студенчишкиот Канал живеат 14 видови риби (+3 внесени). Во Охридското Езеро живеат 17 автохтони видови риби. Кога Студенчишкото Блато би било вистински функционално (со повисок водостој и поврзано со Езерото) сите овие видови би биле постојано или повремени жители на Блатото. Дури и охридската пастрма некогаш навлегувала во Студенчишката река, па и во самото Блато.
Од водоземците и влекачите можат да се издвојат македонскиот мрморец, жабата гаталинка и водната желка.
Студенчишкото Блато претставувало едно од најважните и најзначајните прибежишта и гнездилишта за водните птици долж брегот на Охридското Езеро, но неговото значење денес од тој аспект е многу мало. И покрај тоа што бројот на видови е релативно голем (околу 50), тие се среќаваат во мал број единки или двојки (најчесто само со по неколку). Птиците кои денеска гнездат во блатото ги има малку: неколку вида трскари, барска кокошка, блатна стрнарка, малиот воден бик. Но, при миграција или во потрага по храна од околината може да се сретнат и други видови птици, пред се различни видови чапји, ибиси, шљуки, еји и патки.
Видрата е најзначајниот претставник на цицачите. Нејзините популации на европско ниво се во опаѓање, а во Македонија не се знае нејзиниот точен статус.
Што сме успеале да уништиме?
На еден биолог му е најтешко да напише за некој вид кој е уништен или исчезнат од природата или во случајот – од Студенчишкото Блато. Секогаш постои надеж тој вид да се најде на некое друго место, некаде скриен и засолнат. Но, секогаш постои и можност да сме истребиле и нешто за што не сме ни знаеле дека постои. За жал, нема да видите фотографии од овие видови – едноставно ги нема во Блатото, па не може да се фотографираат.
Бел лотос (Nymphaea alba) – се развиваше на подлабоките места од Студенчишкото Блато – добро се сеќавам на белите лотоси кога бев дете (осумдесеттите години). Денеска можеме со сигурност да кажеме дека ова прекрасно растение не живее во Блатото. За среќа, мал број примероци од белиот лотос се уште се среќаваат низ трските по брегот на Охридското Езеро.
Жолт лотос (Nuphar lutea) – јас не сум го видел ова растение во Блатото, но веќе никој не може ни да го види. Останата е една популација кај с. Калишта која исто така лека-полека се претвора во паркинг и некакво пристаниште. За среќа, Македонското лимнолошко друштво го има реинтродуцирано и ревитализирано овој вид во Мазија.
Блатен сенецио (Senecio paludosus) – истребено растение од Студенчишкото Блато.
Јазичесто лутиче (Ranunculus lingua) – е истребено растение од Студенчишкото Блато. Многу ботаничари го бараа ова лутиче во Блатото, но без успех. За среќа, го најдоа ова растение во едно друго македонско блато.
Заштита на Студенчишкото Блато
Поширокиот простор на Студенчишкото Блато според актуелниот Генерален урбанистички план за град Охрид е дефиниран како заштитено подрачје во опфатот на Градот, со вкупна површина од 51,55 ha. Просторот има основна намена за заштита на основниот природен феномен на Блатото и просторот околу него, како и за едукација и специфичен вид рекреација.
Просторниот план на Република Македонија исто така предвидува воспоставување на заштитено подрачје „Студенчишко Блато“. Просторниот план предвидува прогласување на посебен природен резерват што во согласност со одредбите на актуелниот Закон за заштита на природата (2004) би била категоријата споменик на природата.
Неопходност за заштита на Студенчишкото Блато налагаат и други меѓународни документи и конвенции. Студенчишкото Блато е дел од Подрачјето на светско и културно наследство „Охридски регион“. Да не заборавиме дека ова подрачје прво се однесувало на природните вредности на Охридското Езеро за потоа да биде проширено и да го опфати културното и историското наследство. Минатата година беше прогласен и билатералниот прекуграничен биосферен резерват „Охрид-Преспа“ под закрилата на УНЕСКО кој исто така се грижи за природните вредности.
За да се постигне вистинска заштита е неопходно да се анализираат постојните закани, но и причините за нив. Заканите се бројни и веројатно добро познати, па само ќе ги набројам: недефиниран статус на заштита, нефункционална комуникација на Блатото со Охридското Езеро, конверзија на делови од Блатото во обработливи површини, одлагање градежен шут и комунален отпад, модификација на брегот/плажите, изградба на асфалтни и други патишта, изградба на трајни и времени објекти, вознемирување на живиот свет, лов, загадувања. Се разбира дека сите закани не можат да се отстранат, но треба да се има мерка во „развојот“. Се плашам дека во анализата на причините за постоењето на овие закани ќе мора да навлезам во степенот на свест на сите граѓани и особено на властите, бизнисот и политиката, немањето визија и креативност, (не)почитувањето на законите, (не)почитувањето на јавното мислење (кое почна цврсто да се формира), итн.
Значи, за воспоставување на заштитено подрачје и зачувување на Студенчишкото Блато е потребно разбирање на неговите вредности, јасна визија и храброст на локалната, но и централната власт.
И на крај морам пак да изразам чудење. Зарем во XXI век се уште некој мисли дека со уништувањето на природата во Охрид ќе се постигне некаков развој ?!? Зарем на Охрид му требаат плажи во вид на палми, школки и морски ѕвезди, марини за скапи јахти, несвојствени терени за голф и слични лудории кои може секој побогат град да ги направи ? Никој не може да ја репродуцира природата. Далеку е поевтино таа да се зачува, отколку да се направи од стакло, метал и бетон.
За непромислените потези и узурпација на природните богатства ќе бидат лично одговорни креаторите на политиките. Нивниот глас лично ќе одлучува за иднината на многу животински и растителни видови, природни феномени, но и човечки традиции. Зачувајте го спокојството и исклучителниот амбиент на Охрид. Ве молам, заради Вас и заради граѓаните на Охрид и Македонија, зачувајте ги природните богатства во Охридскиот регион. Зачувајте го Студенчишкото Блато.
Славчо Христовски
Институт за биологија
Природно-математички факултет
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје