Скопскиот огранок на Движењето Беса денеска одржа состанок на кој донесе одлука за разрешување на лидерот Биљал Касами. Според нив, тој е најодговорен за политичкиот пад на Беса. Партијата, според нив, до новиот Конгрес ќе ја води пратеникот Неџбедин Каремани.
„На овој состанок централниот совет дискутираше и за одговорноста на претседателот на движењето, за резултатите на локалните избори и одговорноста за блокирањето на сите органи во текот на овие два месеца од страна на претседателот и непочитувањето на статутот на партијата од негова страна. Поради ова Централниот одбор на движењето Беса со мнозинство гласови одлучи да го разреши Биљал Касами од функцијата претседател“, изјави Орхан Муртезани.
Во исто време денеска се одржал состанок и на тетовското крило на Беса, кој пак соопшти дека донел одлука на 24 февруари да се одржи првиот конгрес на партијата, на чие чело дотогаш да биде Касами.