Скопските судови сè помалку се отворени за јавноста и потребен е дијалог за поголема транспарентност. Ова е заклучокот од денешната трибина со новинари насловена „Јавноста во кривичните постапки – практични проблеми“. Според новинарот Саше Димовски од „Сведок“, во претстојниот период се отвораат законските решенија кои го регулираат прашањето за јавност во кривична постапка и се можност за соодветни измени. Препораките ќе бидат доставени до Министерството за правда.
„Во периодот јануари-март 2017 година Основниот суд Скопје 1 на својот веб-сајт објавил 33 одлуки, Основниот суд Скопје 2 – 23 одлуки, а за разлика од нив Основниот суд во Битола 456, Судот во Штип 180 предмети, додека Основниот суд во Струмица 365 одлуки“, рече Димовски. Димоски посочи дека доколку новинарите сакаат да користат судска одлука која не е објавена на сајтот не може да се дојде до неа. „Ако отидете во судот бидејќи немате правен интерес не можете да ја добиете и сето тоа го отежнува работењето на новинарите“, рече тој.
Драган Секуловски од ЗНМ рече дека е важно судските процеси да бидат транспарентни за да се олесни работата на новинарите, а изминатите години имаме примери каде се попречува новинарите да ја вршат својата работа во судниците и слободно да известуваат за судските постапки.
Извршната директорка на „Коалицијата Сите за правично судење“, Натали Петровска, истакна дека за едно судење да биде фер и правично мора да биде јавно и транспарентно. „Во нашето следење изминатиот период се сретнавме со еден интересен тренд на обратнапропорционалност. Колку судењата се поинтересни за јавноста, толку нивната транспарентност се намалува. Ако во 2015 година јавноста била исклучена од пет проценти од мониторираните постапки, во 2016 тоа да биде 20 отсто, за веќе 2017 година да биде 30 проценти“, изјави Петровска.
Настанот го организираше веб-порталот „Сведок“ во соработка со Здружението на новинарите на Македонија.
В. М.