Брачен пар од Скопје викендов се шетал низ лаборатории за да утврди дали има антитела на вирусот Ковид-19 исплашени од смртта на двајца членови од семејството, заразени со коронавирус. Нивниот син за „А1он“ вели дека се шокирале кога од „Скрин лаб“ им стигнале резултатите кои покажувале дека немаат антитела иако мајка му, како медицинска сестра, веќе примила две дози од вакцината на „Фајзер“, а татко му прележал Ковид-19. Го повториле тестот во друга лабораторија каде и на двајцата им откриле антитела. Сега подготвуваат пријава за неточните резултати.
„Тестот во ’Скрин лаб’ го направија во петокот, а во друга лабораторија во саботата, разликата приближно е 24 часа. Од ’Скрин лаб’ ни испратија анализа која покажува дека немаат антитела, ниту мајка ми, ниту татко ми. Резултатот прво нè вознемири, а потоа се посомневавме во точноста оти ни личеше невозможно кај мајка ми да не се утврдат антитела по вакцинирањето. Денеска стигнаа резултатите од другата лабораторија кои покажуваат дека имаат антитела и веднаш се јавивме во ’Скрин лаб’ да реагираме. Човекот кој одговори на телефонскиот повик воопшто не сакаше да слушне дека направиле некаква грешка, да се извини или да ни ги врати парите. Кај нив плативме по 1.000 денари од човек за тест, а во другата лабораторија по 1.200“, вели Мартин Ефремов, син на брачниот пар кој добил различни резултати во различни лаборатории и апелира граѓаните да внимаваат каде се тестираат за да не минуваат низ она што тие го преживеале.
Телефонскиот број на „Скрин лаб“ е постојано зафатен или никој не одговара. „А1он“ испрати пораки на достапниот мобилен телефон за објаснување за случајот на брачниот пар, но никој не одговори ниту на пораките.
Синот Ефремов вели дека случајот ќе го пријави во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и во Институтот за акредитација на лаборатории.
„Денес, откако ни стигна резултатот кој потврди присуство на антитела, ги подготвивме пријавите и утре ќе ги доставиме. Во време кога сите сме загрижени за животот и здравјето на нашите најблиски недозволиво е да добиваме вакви резултати и згора на сè да плаќаме за нив“, вели Ефремов за „А1он“.
Тој се јавил и на веб-страниците кои нудат купони за попусти во оваа лабораторија за да им каже дека рекламираат лабораторија која дава неточни резултати, но и по пријавата, понудите не се повлечени.
„Скрин лаб“ е ребрендирана ПЗУ „Павлина“. Ефремов вели дека резултатите му стигнале од електронската адреса на ПЗУ „Павлина“, а на тестот стои новото име, „Скрин лаб“.