Скопјанец заработи кривична пријава за измама

Од:

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против скопјанецот Д.Т.(27) за сторено кривично дело „измама“.

Како што информира МВР, Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи во Тетово по извршена инспекциска контрола во правно лице со седиште во Тетово, сопственост и управувано од оштетениот му била пресметана даночна обврска по основ на неплатен ДДВ и персонален данок во вкупен износ од 8.700.000 денари и со Решение било задолжено предметното правно лице да ја плати даночната обврска.

Оштетениот до УЈП – Тетово поднел барање за одложено плаќање на даночен долг и во периодот додека се одлучувало по поднесеното барање, пријавениот Д.Т. на непознат начин дошол до информации во врска со гореизнесеното, по што на почетокот на минатиот месец телефонски го исконтактирал оштетениот. Пријавениот му се претставил дека наводно е вработен на висока позиција во Управа за јавни приходи Скопје при Министерство за финансии и побарал да остварат средба за да се договорат околу исплатата на долгот во однос на поднесеното барање од негова страна.

Наредниот ден, оствариле средба во угостителски објект во Скопје каде пријавениот Д.Т. на оштетениот му кажал дека е испратен од неговиот „шеф“ за да му каже дека сакаат да му помогнат, односно да му овозможат остатокот од основниот долг да го исплати на 48 рати (на сума од 7.200.000 денари) и да му овозможат отпис на долгот по основ на камата (1.500.000 денари). За наводната „услуга“ пријавениот побарал од оштетениот да му исплати износ од 3.000 евра.

Два дена подоцна оштетениот повторно се сретнал со пријавениот и му кажал дека обезбедил 1.500 евра, при што пријавениот ги земал, а за останатите 1.500 евра побарал да му бидат дадени на 9 јануари воедно ветувајќи му дека ќе го исполни ветеното. Откако на посочениот датум повторно се сретнале во угостителски објект во Скопје, пријавениот ги земал останатите 1.500 евра од оштетениот и му кажал дека за кратко време ќе му го донесе и предаде изготвеното Решение. Во наредниот период пријавениот комуницирал со оштетениот преку СМС пораки и го одржувал во заблуда, ветувајки му дека ќе му ја заврши договорената работа и на 27 јануари пријавениот повторно преку СМС порака од оштетениот побарал дополнително да му исплати уште 30.000 денари. По добиената порака оштетениот се посомневал и настанот го пријавил во полиција.

Во СВР Скопје-ЕЕКК од оштетениот се одземени 30 банкноти во апоени од по 1.000 денари кои биле криминалистичко-технички обработени и на 31 јануари на договорена средба се сретнале пријавениот и оштетениот во кафе-бар во Скопје, при што пријавениот ги примил паричните средства и на оштетениот му кажал дека на 2 февруари ќе биде повикан во УЈП за да му биде врачено Решението. При излегување пријавениот е лишен од слобода и врз основа на наредба од Основен Суд Скопје 1 – Скопје му е извршен претрес при што се пронајдени предметните парични средства. Од пријавениот е одземен мобилен телефон и сим–картичка, а врз основа на наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје извршен е претрес и во неговиот дом, но не се пронајдени траги и предмети од кривично дело.

Од извршените проверки во Управата за јавни приходи и обезбедената документација од Даночен инспекторат – Тетово, како и од извршените проверки во Агенцијата за вработување на Македонија констатирано е дека пријавениот Д.Т. е со статус на невработено лице. Исто така во изминатиот период против Д.Т. се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела „насилство“, „затајување“, „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и „измама“, соопшти денеска МВР.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Откриена е криминална група за посредување во проституција и илегална трговија со дрога

Горан Наумовски

Четворица приведени за пукањето во Чаир, двајца биле затвореници од „Идризово“

Санкции поради неправилности при вршење јавен превоз со автобус

Предраг Петровиќ

Преку лажни профили на МВР и Интерпол се нуди помош за измамени во “Конти“, предупредува полицијата

Катерина Ѓуровски

Отворен пункт за лични документи во Сарај

Приведен 48-годишник од неготинско село за напад врз малолетниот внук