Кривична пријава за полов напад во обид врз малолетник е поднесена против 28-годишниот скопјанец И.Г. Тој е предаден до надлежното Основно јавно обвинителство и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена. Се сомничи дека во текот на ноември лани и во јануари годинава извршил две кривични дела врз две деца на возраст од 10 и 11 години.
Според документираните сознанија од истрагата, тој на 2 ноември минатата година околу 18:15 часот на улицата „Максим Горки“ во близина на плоштадот Македонија, пресретнал 11-годишно дете кое се обидел да го однесе во зграда на вториот кат. Во еден момент се обидел да го соблече и допира по телото по што детето успеало да се ослободи и побегнало до една туристичка агенција каде побарало помош. Пријавениот влегол во агенцијата и на вработениот му рекол дека ништо лошо не направил, туку само побарал детето да му покаже некоја зграда во близина, по што си заминал. Од страна на таткото на детето, настанот е пријавен во полиција. Детето извршило препознавање по фотографии и го препознало И.Г.
Во вториот случај на 21 овој месец околу 12:30 часот на улицата „Никола Парапунов“ пресретнал десетгодишно девојче кое откако го прашал дали знае каде е зградата број 9 ја фатил за рака сакајќи да ја внесе во влезот од зградата. Девојчето го замолело да ја пушти по што И.Г. и рекол дека е извалкана на панталоните и почнал да ја допира за бутините по што и ги соблекол панталоните. Во еден момент девојчето се отргнало и избегало дома каде се сокрило во својата соба, а потоа за настанот и кажала на својата мајка. Настанот е пријавен од таткото на детето и извршено е препознавање од фотодокументацијата при што детето го препознало И.Г.
Во тек се мерки за расчистување и на други кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени од пријавениот.
Доколку одредени граѓани се оштетени при ваквите кривични дела може случаите да ги пријават во најблиската полициска станица и да направат увид во фотодокументацијата.
Осомничениот и е познат на полицијата по сторени кривични дела „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“, „силување во обид“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.