СВР Куманово поднесе кривична пријава против П.М. (43) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
Пријавениот наводно заради изработка на магистерски труд на Замјоделски факултет Скопје доставил повеќе барања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се однесувале за впишување во регистерот за семе и саден материјал на коноп од сортата „Хелена“- Cannabis Sativa L (добиена од сорта на индустриско растение запишано во национална сортна листа „Новосадско Конопље“) како и согласност за отпочнување на проект и дозвола за произвотство на коноп. Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на сега пријавениот му се доставени одговори дека треба да биде запишан во регистерот на снабдувачи на семенски материјали, како и дека сортата „Хелена“ да биде запишана во Национална сортна листа и дека Министерството нема надлежност за давање согласност за користење на увезено семе за лична употреба.
Известување и барање за дозвола за отпочнување на производство на коноп доставил и до Министерство за здравство за кое добил одговор дека во Република Македонија, како членка на Обединетите нации, е забрането производството на Канабис во сите форми и вариетети.
Покрај известувањата кои ги добил од двете министерства пријавениот во текот на 2016 година, од Нови Сад, Србија набавил 2 килограми семенски материјал Канабис. Дел од семенскиот материјал го засадил и одгледувал на земјиште лоцирано во м.в. „Врбица“ село Железница, кратовско каде неовластено произведувал вкупно 1897 растенија додека останатиот семенски материјал од растителен род Канабис со нето маса од 1980,6 грама го чувал заради понатамошно дополнително производство.