Лицето Ф.П. (30) од Скопје, кој е на издржување казна затвор во КПУ „Идризово“ е можен сторител на оруженото разбојништво во скопската аптека „Виола“, лоцирана на улица „Васил Главинов“ во Скопје од 31 декември 2012 година.
Во моментот на извршувањето на кривичното дело, Ф.П. бил пуштен четири дена на слободно отсуство, од 30 декември 2012 до 02 јануари 2013 година.
Како што информира денеска МВР, на 31 декември 2012 година околу 18:15 часот две непознати машки лица маскирани со капи на главите, едното од нив вооружено со огнено оружје – пиштол, преку незаклучената влезна врата влегле во аптеката „Виола“. Лицето кое во раката носело пиштол, застанало до застаклениот пулт и преку отворот го вперил пиштолот кон вработената. Со закана и се обратил и удрил со рака во застаклениот пулт, по што го скршил стаклото. Другото непознато лице стоело до влезната врата.
Вработената извадила од фиоката од пултот околу 34.000 денари од дневниот промет и му ги дала на лицето, по што двете непознати лица веднаш го напуштиле местото на настанот.
На настанот извршиле увид полициски службеници од СВР-Скопје. По преземени оперативни мерки и активности од СВР-Скопје–Одделение за разбојништва и дрски кражби извршен е службен разговор со Ф.П., во кој го признал и појаснил извршувањето на кривичното дело, но не сакал да го каже идентитетот на другото лице, неговиот соучесник во извршувањето на делото. По целосно расчистување на кривичното дело и негово документирање од страна на СВР-Скопје ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Ф.П. во евиденцијата на СВР-Скопје минува за сторени повеќе кривични дела „разбојништво“, „тешка кражба“, „тешка кражба во обид“, „кражба“, „одземање на МВ“, „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурзории“.