Синот на собранискиот претседател Талат Џафери и официјално стана обвинител. На денешната седница на Советот на јавни обвинители беше избран за обвинител во Гостивар.
Иако синот на Џафери предизвика лавина реакции кога се дозна дека успеал да биде запишан и да полага правосуден испит без да има документација за завршен факултет, како што беше утврдено во постапката на Антикорупциската комисија, на членовите на Советот не им пречеше тoa и го избраа за обвинител.
Синот на Џафери е само еден од децата на политичарите кои положија во Академијата за судии и јавни обвинители неодамна.
Речиси 18 проценти од положените кандидати, идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неодамна изјави дека нема ништо невообичаено што син му Барлет Џафери станува обвинител и декa антикорупциска нема најдено ништо спорно во постапката преку која тој влегува во правосудните органи.
„Сензацијата е поголема кога станува збор за дете на функционер. И моето дете има право да конкурира и да биде примено на работа“, изјави тогаш Џафери.
Но не само синот на Џафери денеска доби и официјално вработување како обвинител. Обвинител стана и сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Абази, Албулена Абази, која е избрана за обвинител во ОЈО Кичево.
Советот на јавни обвинители денеска на 80-тата седница избра 18 јавни обвинители во 12 јавни обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип.
За Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип беше избрана единствената пријавена кандидатка, односно досегашна вршителка на должност, Татјана Кацарова.
Во ОЈО Битоласе избрани Борче Коруновски и Марија Чурлиновска, во ОЈО Велес е Александра Станковска, ОЈО Гостивар – Илир Јакупи, Барлет Џафери и Александра Димоска, ОЈО Дебар – Анита Граждани Пачуку, ОЈО Делчево – Сузана Бошнаковска, ОЈО Кичево – Албулена Абази и Емрах Михтароски, ОЈО Куманово – Самир Акифи, ОЈО Охрид – Кристина Илиеска Атанасова, ОЈО Прилеп – Стевчо Биновски, ОЈО Свети Николе – Дарко Цветановски, ОЈО Струга – Ермира Муса-Нура и ОЈО Тетово – Илир Абдурахмани, Нина Димитриеска и Јетмир Беџети.