Собранието утре ќе работи паралелно со протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) закажани за 9 часот, кажа спикерот Африм Гаши. Тој на денешниот брифинг со новинарите изјави дека очекува протестот да помине мирно, и оти нема да има дополнително обебзедување на објектот.
– На денешната координација со пратеничктие групи зборуваме дека ќе има протест. Се договоривме сите координатори да разговараат со пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да го попречиме правото на протест на граѓаните. Не верувам дека некој со кола би дошол, дали ќе дојдат пеш или порано, не знам како ќе биде. Но, се договориме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест на граѓаните. Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече се како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме, кажа Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Очекува дека само влезовите за возила ќе бидат блокирани, како што најавија од Синдикатот.
-Не верувам дека некој пратеник нема да дојде пеш, рече тој.
Во однос на прашањето за коментар за синдикалните барања, Гаши смета дека проблемот не може да се реши само со зголемување на платите.
-Начелно, сите се бориме за благосостојба на граѓаните. Тоа е прв наш приоритет, но не може да се реши само со зголемувањето на платите. Тоа да зависеше од мене, веднаш би ги покачил сите плати. Треба да се земе предвид целата економска слика. Мислам дека треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, да определиме кои функции се најбитни во државата. Од таму да одиме – Претседател на државата, на Собрание, Премиер, пратеник, директор, наставници, доктори… и да имаме поправедно нивелирање на платите. Мислам дека на таков начин најправедно би било да се реши тој проблем, рече Гаши.
На прашање дали пратениците се расположени за удоволување на барањата на работниците за 600 евра минимална плата и за линеарно зголемување за 6.000 денари на сите останати плати, Гаши рече дека секоја партија ќе си заземе свој став.
Тој соопшти дека досега до Собрание нема пристигнато иницијатива од пратеничките групи за интерпелација на министерот за правда Игор Филков во делот на неговите изјави дека правосудниот испит не треба да се полага на албански, а доколку има таква иницијатива, според деловник, се става веднаш на дневен ред на првата наредна седница.
Во врска со одземање на имунитетот на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев по однос на сообраќајната несреќа, Гаши соопшти дека досега до Собранието нема пристигнато такво конкретно барање. Потенцира дека за одземање на пратенички имунитет треба да пристигне барање од институција – Обвинителство, суд и за тоа треба да расправа Комисијата за мандатно-имунитетни прашања.
Околу процедурата за работната група за Изборниот законик, Гаши нагласи дека сите предлози се доставени во Министерството за правда и тоа треба да свика конституивна седница на работната група и да почне со работа.
Во однос на Законот за Влада, односно за укинување на техничката влада, Гаши информира дека досега до нив не е пристигнато ништо. Тој најави дека на пленарната седница закажана за 18 февруари ќе бидат пратеничките прашања од опозициските пратеници
