Синдикат на култура: Власта, СОНК и провладините медиуми покажаа како функционира системот на тортура

Од:

Како реакција на нашиот протест, Министерство за култура заедно со СОНК, владините медиуми и директорите на институциите експлицитно покажаа како функционира системот на тортура и со тоа една едноставна синдикална активност ја издигнаа на ниво на социолошки интерактивен перформанс, реагира Синдикатот на култура кој во вторникот организираше протест .

„Претседателство на СКРМ на коректен, цивилизиран и демократски начин, јавно ги соопшти проблемите со кои се соочува културата каде што сериозно се повредени работничките права и каде што е погазен професионалниот дигнитет на вработените, почнувајќи од измените на Законот за култура во 2014 година, преку непостоењето на колективен договор, ниските плати и неисплаќањето на надоместоци според различни основи.

Како реакција на нашиот протест беше објавено „контра-писмо“ од страна на СОНК кој го дели нашиот став дека платите не се доволни и кој вели дека десетина години „јуначки“ се бори со Министерството. На наше „големо задоволство“, на крајот од нивната Тројанска војна, успеале да договорат каталог на работни места од кој избришале некои непотребни нешта. Им честитаме за „лавовската борба“ и за „огромното познавање“ на проблематиката на различните дејности во културата со коешто „нè куртулија“ од дивергентноста на работните места кустос-археолог, кустос-историчар на уметност и кустос-етнолог.

Директно засегнатиот протагонист, Министерството за култура го искористи нашиот протест за сопствен маркетинг и „автоевлогија“ во која пред јавноста „испеа“ што сè е изградено во изминативе години, во кои институции селективно се качени платите и колку проекти се реализирани. Министерството никако да сфати дека проектите не се реализираат сами од себе и дека во зградите не работат духови туку живи луѓе, уметници и стручни лица, индивидуи кои ја живеат сопствената професија за на крајот со нивните дела да се китат и фотографираат политичките „елити“. Овие луѓе заслужуваат усогласен и достоинствен финансиски третман во сите дејности на културата, а не Закон кој навредливо ги етикетира како „даватели на јавни услуги“ и во секој втор член има формулација која регулира санкции. Го потсетуваме Министерството за култура дека покачените плати во две институции, и тоа за време на техничка влада, не го решаваат проблемот на целата култура која исто така ја сочинуваат и музеи, галерии, библиотеки, конзерваторски центри и домови на култура каде што платите се на истото преживувачко дереџе повеќе од десетина години.

Реакциите на директорите, скриени позади институциите, претставуваат апсурд сам по себе, кој на површина ја исфрла неукоста на некои од нив и мачнината од „телефонската директива“ кај другите. Шупливи се фразите „институцијата се оградува од синдикатот“ кога двата субјекта, по дефиниција, секогаш се спротивставени поради соодносот во констелацијата работодавец и работник. Некои, дури го нарекоа СКРМ и „таканаречен синдикат“ со што директно го ставија под прашалник легитиметот на Централниот регистер на Македонија и Министерството за труд.

За реакциите на медиумите под уредничка контрола на власта, воопшто и нема потреба да коментираме затоа што нивната фанатична спинерска психоза одамна го трансформира нашето секојдневие во манастирскиот амбиент, креиран од Умберто Еко во Nomen Rosae.

На крајот, Синдикатот на културата на Република Македонија им повторува на сите политички субјекти во државата дека по формирањето на ново Собрание и нова Влада, очекуваме итно поништување на Измените на Законот за култура од 2014 година, подготвување на нов Закон за култура и нов Колективен договор во рамките на транспарентен процес од кој овој пат нема да бидат исклучени носителите на дејноста.“, се вели во реакцијата на Синдикатот на култура.

Би можело да ве интересира

Седми „Марш за ангелите“ во Кочани: Нашиот молк зборува повеќе од илјада зборови, но нема да трае вечно како вашето судење

ДУИ со забелешка на унапредувањата во Министерството за култура

„Мит и стварност“ – нова книга од Паскал Гилевски

Предраг Петровиќ

„Марш за ангелите“ во Кочани: „Системот убива – институциите молчат“

Предраг Петровиќ

Семејството на Фросина бара максимална казна за возачот од 20 години затвор

Почна протестот на семејството на Фросина Кулакова која загина во сообраќајка на „Партизанска“