Сиљановска-Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат

Од:

Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Сиљановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.

На 24 април, на првиот круг од изборите, Сиљановска Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седуммина кандидати. Излезноста на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,38 отсто односно на гласање излегоа 828.402 гласачи од вкупно запишаните 1.814.317 во Избирачкиот список.

Според Изборниот законик, ако во првиот круг од изборите ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Пред преземањето на должноста, како што е наведено во Изборниот законик, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”

Гласачите на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре (7 мај) за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.

Гласањето во среда, на 8 мај, на 3.480 избирачки места започнува во седум часот, а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ.

Ова е вторпат Сиљановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.

Би можело да ве интересира

Средба Сиљановска Давкова-Гир: Нашата иднина несомнено е во Европската Унија

Вагнер: Германија нема да дозволи „сиви зони“ во Европа, Северна Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор

Сиљановска-Давкова ќе се придржува до уставното име, велат од Кабинетот на претседателката

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

Орце Костов

„Еурактив“: Претседателката на Северна Македонија предизвика контроверзии на инаугурацијата

Горан Наумовски

МНР: Сиљановска Давкова да внимава на политичкиот дијалог со Грција

Орце Костов