Сиљановска-Давкова: Не може да остане во Уставниот суд личност која што е избрана на неуставен и незаконски начин

Од:

Не би смеело да се проблематизираат одлуките кои ги има донесено уставната судијка Елизабета Дуковска изминативе две години, меѓутоа не може да остане во Уставниот суд личност која што е избрана на неуставен, дури ако сакате и незаконски начин, оцени денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова на промоцијата на „Родова самопроценка и Родовиот акциски план 2024-2028“ на Министерството за одбрана и Армијата.

На новинарско прашање во врска со одлуката на Управниот суд за поништување на изборот на уставната судијка Дуковска, претседателката вели „каков е тој натпревар доколку имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне“.

– Вчера дискутиравме со колега, врвен експерт од нашата област, грчки професор, тој вели како и нашата колешка Ана Павлова – Данева дека сега не би смеело да се проблематизираат одлуките, меѓутоа не може да остане во Уставниот суд личност која што е избрана на неуставен, дури ако сакате и незаконски начин. Каков е тој натпревар ако имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне. Тие се опомените што нас нè тераат системот да го промислиме навистина ако сакаме Уставен суд којшто ќе биде противтежа на трите власти. Ова е лекција и за пратениците, бидејќи тие ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено убедување, но во политиката во границите на правото. Таква не беше таа, заклучи Сиљановска – Давкова.

Посочи дека уште од позиција на пратеник од редовите на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го критикувала изборот на Дуковска, бидејќи бил спротивен на Уставот.

– Ве упатувам да го најдете сценограмот од седницата и да видите што зборував и на што укажував, дека тоа е спротивно на Уставот, дека мора да има еднаквост на шансите во натпреварот, дека не може вие да ги анулирате другите кандидати, меѓутоа во таа атмосфера аргументите не врвеа. Претседателот на Собранието со мнозинството се договори, нашите предупредувања се одбиваа во ѕид, ни ехо немаше големо и резултатот еве дојде. Затоа велам дека во Уставниот суд, иако седат мои повеќе колеги и колешки, без оглед на партиска блискост или симпатија, тоа ќе се одрази на процесот на одлучување, рече претседателката.

Управниот суд ваквата одлука ја донесе по две години од изборот на Дуковска, која најпрво беше избрана во Судскиот совет со поддршка од 11 гласа и двајца „против“, а потоа и официјално изгласана во законодавниот дом, во април 2023 година. Покрај Дуковска, предложени беа уште две кандидатки кои ги исполнуваа условите. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека со изборот на Дуковска, Судскиот совет го прекршува Уставот бидејќи не ги ставил на гласање другите двајца кандидати, додека, тогашниот член на Судскиот совет Зоран Герасимовски пред пратениците рече дека Судскиот совет не пристапил кон гласање за другите двајца кандидати, бидејќи „законот не предвидува дека за кандидат ќе биде утврден предлогот кој добил најмногу гласови, туку според редоследното гласање се утврдува оној кој го добил потребното мнзоинство, а тоа е најмалку осум гласа од членовите на Советот со право на глас“.

Причината поради која Управен ја поништи одлуката за избор е неправилно спроведена постапка од страна на Судскиот совет кој не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет. Во пресудата е наведено дека Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.

Би можело да ве интересира

Костадиновски: Укинувачката одлука на Кривичниот законик би направила поголема штета од пратеничката

Сиљановска-Давкова ја посети шивалната во КПД Идризово: Секој заслужува втора животна шанса

Сиљановска-Давкова до СДСМ: Очекувам нови решенија и враќање како активен општествен фактор

Собранието ја констатира оставката на Дабовиќ-Анастасовска, опозицијата бара Анкетна комисија за трагедиите

Горан Наумовски

Уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска поднесе оставка

А1он

Пензионери се собраа пред Уставен суд: Со процентуално зголемување, ќе немаме за леб