Шврговски: Јанева е професионална, одговорна и верувам дека ќе одговори на потребите

Од:

Поранешниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски, за обвинителката околу која се согласија партиите да ја извршува функцијата на „прогонувач“ на инкриминираните владини функционери, вели дека е професионална и стручна. Катица Јанева е избрана за јавен обвинител во Гевгелија во времето кога Шврговски ја извршуваше функцијата државен јавен обвинител.

-Ја познавам колешката. Коректна е, професионална и одговорна. Од тие причини сметам дека ќе одговори на потребите. Пред новата организација на обвинителството, надлежноста на гевгелиското обвинителство беше многу експионирана и работеше со сериозни предмети, предмети со голема тежина. Мислам дека искуството кое го поседува е драгоцено и ќе и помогне да се справи со сите предизвици – вели Шврговски.

Сепак Јанева не е позната за голем дел од јавноста и за дел од кулоарите во правосудството. Поранешниот јавен обвинител, Јован Трпеноски, вели дека специјалниот јавен обвинител треба да биде упорен и многу енергичен, но додава дека 13-годишното искуство на Јанева е доволно за да одговори на задачата.

-Не ја познава, но во 2003 како што дознавме е избрана за заменик обвинител во Гевгелија. 13 години е доволно за кадар од јавно обвинителство кој се судрил со доста интересни и тешки предмети. Сепак Гевгелија е подрачје каде има интересни случаи. Се друго е субјективно и зависи колку ќе биде упорна и стручна. Сакам да има успех во работата, не и завидувам затоа што е тоа тешка функција, многу одговорна, функција во која најголемиот притисок доаѓа од личната одговорноста за утврдување на реалната вистина – вели Трпеноски.

Според партиски извори именувањето на Јанева е директен предлог на олеснувачите во преговорите, но партиите имале и свои предлози за специјален јавен обвинител. Трпеноски вели дека функцијата е сериозна и многу одговорна во ситуација на политичка криза и очекува канцеларијата на обвинителот да не биде мета на политички притисоци.

-Очекувам дека ќе работи независно, очекувам од секој што мислел да влијае до сега врз обвинителството и врз судот сега сам да се преиспита и да се повлече. Многу е дискутирано, многу е очигледно присуството на политичката во судството и сега е време политката да се дистанцира – додава тој.

По вчерашните преговори доцна во ноќта каде освен името на обвинителот беше договорен и законот кој ќе го регулира ова прашање, денес во Собрание тоа треба да се верификува. Медиумите за Јанева дознаа дека потекнува од семејство на познат судија, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија. Ќерка е на гевгелискиот судија Делеџаков.

За заменик обвинител во Гевгелија е избрана 2003-та година, а минатата година е реизбрана на функцијата Обвинител во гевгелиското обвинителство.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Дисциплинската комисија утврди крупни грешки кај шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, се бара негово разрешување

Апелација ги уважи жалбите на Обвинителство и им определи ефективен 30 дневен притвор на двајцата поранешни директори на Онкологија

Државата конфискуваше 11.600 евра од осудениот раководител за урбанизам во Маврово и Ростуше

Обвинителството нареди, а полицијата го уапси бизнисменот Ристо Крмзов

Двајца браќа и нивен пријател се осомничени за убиство во Скопје

Обвинителството отвори предмет за деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти во Општина Чаир