Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајк утре од 11 до 17 часот и не се точни информациите дека штрајкот е ставен во мирување, информира во пишана изјава претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.
Во тек штрајкот што ССКЛ го најави поради „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“ во најавениот термин нема да се опслужуваат воздухоплови на Меѓународниот аеродорм Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Тасевски укажува дека дезинформациите за наводна постигна спогодба поради која се става штрајкот во мирување ќе ги доведат во забуна патниците и авиокомпаниите, како и непотребен хаос при планирањето на летовите.
-Информациите кои беа испратени во текот на вчерашниот ден од страна на УО на М-НАВ, како што известија одредени медиуми, дека се прифатени барањата на ССКЛ и дека е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12.10.2023 година во период од 11ч до 17 часот во мирување се тотална невистинити и дезинформација на јавноста која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови, наведува Тасевски.
Во УО на М-НАВ, според него, владее разединување од причина што, како што тврди „новите двајца директори кои се поставени во последните два-три месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат генерирајќи проблеми и за фирмата но и за новите директори“.
-Додека едниве ни ветуваат професионализам и подобрување на состојбата во М-НАВ, претседателот на М-НАВ Фахрудин Хамиди, доставува нови барања за вработување на непотребни лица, во служби во кои веќе има превработеност, а се тоа позади грбот на останатите двајца директори кои на состанокот кој што беше одржан на 09.10.2023 година се изјаснија дека не се запознати со таквите барања за вработување, наведува Тасевски.
Тој и вчера во изјава за МИА рече дека нема промена во одлуката за штрајк и оти по завчерашната средба со УО ветувањата од директорите резултирале со текст кој не соодвестувал со договореното. -Доколку не го променат како договорни обврски кои ги преземаат и се согласуваат да ги реализираат, остануваме на одлуката за штрајк во четврток, рече Тасевски.
Од М-НАВ, пак, рекоа дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата , бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.
-Договорено е роковите за пријавување кандидати за вработување да траат миниум 10 работни дена и соодветно да бидат информирани и членовите на синдикалните претставници, како и дека ќе се даде приоритет на неопходни вработувања на оперативниот персонал, како контролири на летање, инженери и техничари. Исто така, договорено е да се зголеми сумата за јавната набавка за консултантски услуги за анализа на систематизација на работните места, а рокот за пријавување да биде 15 работни дена. Исполнети се и барањата за реновирање на просториите на М-НАВ, односно да бидат активно вклучени во активностите, како и да се забрза целиот процес за отпочнување на тендерската постапка за што е издаден налог на вработените од секторот за воздухопловна навигација и Секторот за воздухопловна техника да изготват техничка спецификација. Проблемот со водоснабдувањето веќе е саниран, а преземени се дополнителни мерки за конечно решавање, изјавија за МИА од Секторот за односи со јавност во М-НАВ.
Струковиот синдикат на контролори на летање доби поддршка за штрајкот и од Здружението на контролори на летање.