Што сè треба да знаете за вакцините кои треба да пристигнат во земјава

Од:

Дали доколку имате антитела треба да примите вакцина? Кога се создаваат антителата по примањето на вакцината? Дали доколку сте бремени или планирате бременост треба да се вакцинирате? Што е со лицата кои имаат автоимуни болести и склоност кон алергии? Која вакцина како делува? Што треба да се знае за секоја вакцина?

Овие, а и многу други прашања ги мачат граѓаните, и покрај тоа што во државава сè уште нема доволен број вакцини, а се вакцинираат единствено здравствените работници, со најава дека следни ќе бидат лицата постари од 70 години. Вакцинацијата тече бавно – и на дневна основа, a и недостигот од вакцини го прави своето.

Досега, во државава пристигнаа вакцините „Фајзер“ (САД) и „Спутник V“ (Русија). Се очекуваат и кинеските „Синофарм“, како и британската вакцина на „Оксфорд“, АстраЗенека.

„А1он“ изработи инфографици за основните информации за овие вакцини. Која е нивната цена, процентот на ефикасност, како делуваат, кога се развиваат антитела. За голем број од овие прашања не можат да се најдат официјални и прецизни информации, па оттаму, податоците ги преземавме од Светската здравствена организација, официјалните веб-страни на производителите на вакцини и досегашните медицински истражувања.

„Дојче Веле“, пренесувајќи истражување од институтот Роберт Кох, пишува дека во моментов нема доволно податоци за да се знае дали mRNA и вакцините базирани на вектор можат да го спречат или намалат пренесувањето на коронавирусот.

Додека не бидат достапни тие податоци, вакцинираните лица и луѓето околу нив треба да продолжат да ги следат препорачаните заштитни мерки, како носење маска, држење растојание и редовно миење на рацете.

„Тие не можат да предизвикаат стерилизациски имунитет, но го намалуваат пренесувањето доволно, за да се запре вирусот кај популацијата“, велат од Институтот.

Она што засега може да се најде како информација за сите вакцини е дека се уште нема доволно детали за тоа како може да влијае вакцината кај бремените жени и кај жените што дојат, па оттаму не е препорачливо да ги примат. Колку за пример, додека траеле испитувањата на вакцината „Фајзер“, 23 волонтерки останале бремени, но се уште нема податоци за нивната состојба, а од компанијата изјавија дека ќе продолжат со мониторирање, пренесе Си-Ен-Ен.

„Се смета дека ризикот е мал, бидејќи mRNA вакцината не содржи жив вирус, тој се деградира брзо и не може да предизвика генетски промени“, се вели во извештајот што го пренесе телевизијата.

За сите вакцини важи истото правило, дека не смеат да ги примат лица под 16, односно под 18 години, бидејќи се уште не се направени доволно тестирања.

Склоноста кон алергии е исто така едно од најчесто поставуваните прашања, па оттаму секој производител апелира да не се вакцинираат лицата кои се склони кон алергии на било која супстанца на вакцината. Ова, секако, треба претходно да го утврди лекар кој ќе ги знае деталите за секоја вакцина одделно. Доколку некој има склоност кон алергии, се препорачува подолго време да поседи во вакциналниот пункт откако ќе ја прими вакцината.

Американскиот Центар за контрола и превенција тврди дека вакцините го учат имунолошкиот систем како да го препознаат и да се борат против вирусот што предизвикува Ковид-19. Понекогаш ова може да предизвика симптоми како треска, главоболка, замор и болки во мускулите, кои најчесто траат само неколку дена.

„Може да се појави црвенило, топлина и болка на местото каде што е направена инјекцијата. Тоа е вообичаено за буквално секој имунолошки одговор – покажува дека имунолошкиот одговор работи“, велат од Центарот.

За секоја вакцина е различно, но можат да поминат неколку недели за телото да создаде имунитет на коронавирусот по вакцинацијата. Ова, според Центарот за контрола и превенција, значи дека е можно некој да се зарази со вирусот непосредно пред или по приемот на вакцината и сепак да развие Ковид-19, бидејќи вакцината немала доволно време за да создаде заштита.

Прашањето што се уште лебди е колку време еден човек е заштитен откако ќе ја прими вакцината, особено и поради фактот што податоците за секоја вакцина се различни. За ова, испитувањата се уште се во тек, но според досегашните објави, заштитата трае најмалку 6 месеци.

За вакцината на „Фајзер“, на пример, се смета дека антителата се создаваат уште при примањето на првата доза, но дека тие антитела што се создаваат на почетокот се максималниот број, а потоа почнуваат да опаѓаат. За кинеската „Синофарм“, пак, која се смета за најтрадиционална вакцина, антителата е препорачливо да се проверат најмалку 15 дена по примањето на втората доза, бидејќи антителата се развиваат побавно.

Отворени се и прашањата околу консумирањето алкохол пред и по вакцинацијата. За руската вакцина „Спутник“, голем број експерти се изјаснија дека не е дозволено консумирање алкохол неколку дена пред и 30-40 дена по вакцинацијата, додека за останатите се тврди дека алкохолот треба да се избегнува неколку дена пред и неколку дена по вакцинацијата.

Останува отворено прашањето и во однос на тоа колку вакцините ќе штитат при евентуални појави на нови соеви на коронавирусот.

Македонија засега се уште е на почеток, па оттаму, голема е веројатноста отворените прашања да бидат разјаснети пред да се почне со масовна вакцинација на населението.

Би можело да ве интересира

Европската агенција за лекови ја препорача адаптираната бустер вакцина на Фајзер

Русија разви вакцина против новите варијанти на коронавирусот

Катерина Ѓуровски

Германец примил 87 вакцини против ковид

Војската на САД работи на моќна супер-вакцина против коронавирус

Четвртата доза ја зголемува заштитата од тешка форма на Ковид-19 за трипати покажува израелска анализа

Досега во светот се администрирани повеќе од девет милијарди вакцини против Ковид