Што се случувало вечерта и зошто е убиен Тот: Од дружба и пиење во диското, до смртоносни боксови и клоци

Од:

Ракометарот Денис Тот од дискотеката излегол во друштво со осомничните за неговото убиство по три часа забава. Тие имале резервација, пиеле виски и Ред бул, немало расправии ниту индиција дека нешто ќе се случи. Внатре влегле околу триесет минути по полноќ, а излегуваат околу 3 часот и 30 минути по полноќ.

Несогласување меѓу убиениот и првоосомничениот за убиството на Тот, Анџело Ѓорѓиевски од Волково, второосомничената Клементина Лефковска од Драчево и третоосомничениот Андреј Костовски од Ново Село, настанало дури откако влегле во таксито.

„А1он“ дознава дека осомничените прво му направиле место на Тот да влезе во таксито, но потоа, по неколку секунди се предомислуваат. Надвор, прв го удира Анџело, па потоа го клоцаат Андреј и Клементина. Откако стануваат свесни дека дека Тот не дава знаци на живот, нивни другар почнува да го оживува, а Клементина и натаму го клоца. Се обидуваат и со вештачко дишење и масирање на срцето да го вратат во живот, а откако тој не реагира, телото го вртат на левата, па десната страна. На крајот, Анџело и Андреј со влечење го преместуваат телото на Тот.

Место во такси е причина за кавгата

Клементина, која на снимките кои протекоа крвнички го клоца неподвижното тело на Тот, пред да влезат во таксито разговара со него без знаци дека за неколку секунди ќе го нападне. Прво на задното седиште во такси-возилото е седнато единственото момче кое подоцна го штити Тот од удари. По него влегува Анџело заедно со Клементина. Тие му прават место и на убиениот Тот, кој како четврти патник седнува на задното седиште. Во тој момент уште едно момче од друштвото ја гаси цигарата и отвора врата за да седне како петти патник на задното седиште во таксито на спротивната страна од Тот. Бидејќи нема место за него, Андреј, кој е седнат на совозачкото седиште, излегува од таксито, го заобиколува автомобилот и го вади надвор Тот.

Ракометарот разговара со Анџело и Клементина додека излегува. По неколку секунди, кога Андреј се повлекува за одново да влезе во таксито, Клементина излегува и го напаѓа Тот. Тој ѝ ги задржува рацете за да не го удри, по што излегува и Анџело.

На Тот му пресудил првиот удар

Тот и Клементина ги раздвојува Анџело, кој му удира бокс на Тот. Ракометарот губи рамнотежа, но Анџело го удира и вторпат. Додека Тот паѓа, Анџело замавнува и третпат, но го промашува. Тот паѓа на земја. Третоосомничениот Андреј прв го шутира, па по него и Клементина. Тука за првпат истрчува дечкото кој е прв седнат во таксито. Ги трга Клементина, Анџело и Андреј од Тот и се обидува да му помогне. Тој се бори и со Клементина, која успева да се протне и уште еднаш да го шутне Тот во делот на вилицата. Анџело е веќе незаинтересиран, па ѝ ја собира падната чанта на Клементина. Девет лица го гледаат целиот настан, а само дечкото кој претходно ги тргаше осомничените од Тот, му помага на ракометарот. Андреј го удира со рака.

Додека Тот лежи во бессознание, Клементина и Анџело повторно влегуваат во таксито. Го повикуваат единствениот кој го штити Тот од удари за да влезе, но тој одбива оти уште пробува да го освести ракометарот. Додека трае обидот за освестување на Тот, Клементина повторно излегува од возилото, и го гази ракометарот уште двапати на стомакот. На крај, Анџело ја убедува и таа третпат влегува во таксито. Но, тука првпат се вмешува таксистот, кој е сведок на целиот настан, ја вади Клементина од возилото и самиот заминува со празно такси.

Откако му удри боксови, првоосомничениот за убиството се обидува да го оживее ракометарот

Тепањето на Тот трае нецели три минути. Откако си заминува таксито, осомничените остануваат без превоз. Од дискотеката излегуваат уште неколкумина и заедно со дечкото кој постојано го штитеше ракометарот, од грб го легнуваат на десна страна, го полеваат со вода. Го враќаат повторно на грб и пак дечкото кој цело време го штити почнува сам да му го масира срцето на ракометарот. Приоѓа и Анџело, кој претходно со боксови го онесвести Тот. Двајцата се обидуваат да го вратат во живот. Анџело го презема масирањето на срцето, а дечкото кој го штитеше му дава вештачко дишење. Им приоѓа и Андреј, помага во масирањето на срцето.

Додека тие се обидуваат да го оживеат, вработена во клубот повикува брза помош. Таа не е сведок на претепувањето на Тот, се појавува десетина минути откако тие излегуваат од клубот. Клементина е единствена од осомничените која не приоѓа да му помогне на Тот. Таа постојано кружи наоколу додека трае обидот да се спаси ракометарот.

Телото на Тот преместено со влечење

Од клубот почнуваат да излегуваат и други гости. Му проверуваат пулс на вратот и на рацете на Тот. Уште еднаш го вртат, овој пат на левата страна, но тој не дава знаци на живот.

Третоосомничениот Андреј си пали и цигара и на уво му кажува нешто на првоосомничениот Анџело. По ова, двајцата го фаќаат телото на Тот за да го преместат. Андреј се откажува. Анџело продолжува сам да го влече по земја Тот. Успева да го помести неколку метри и паѓа заедно со Тот. Од влечењето Тот е речиси расоблечен, па по преместувањето му ја местат облеката.

Девет минути по повикот, доаѓа брзата помош. Медицинарите го креваат Тот, но не од местото каде што паѓа, туку од местото каде што го преместуваат осомничените за убиството.

Сведоци на целиот настан од моментот кога Тот излегува од клубот до моментот кога го ставаат во брзата помош се три момчиња, од кои едното в раце држи балони.

Би можело да ве интересира

Убиството на ракометарот ќе го суди судијката која изрече условна за несреќата кај „Млечен“ каде имаше загинат

Кристијан Ландов

Обвинение за убиството на Денис Тот: Од ударите паднал во кома, а потоа починал

Кристијан Ландов

Убиството на Тот стигнува пред суд, се чека Судска медицина да каже дали бил свесен по ударите од осомничените

Кристијан Ландов