„Медицински кловнови се специјално обучени медицински лица вработени во јавните здравствени установи, кои посебно внимание ќе посветуваат на психосоцијалните потреби, главно на хоспитализираните деца, како и посета на возрасните лежечки пациенти.
Тие преку терапевтска уметност на игра и хумор ќе им помагаат на пациентите и на нивните семејства да го намалат стравот и вознемиреноста за да можат својата сила и мотивација да ја зголемат и насочат кон справување со болеста. Целта е преку моќта на позитивниот пристап да им се помогне на децата, барем за миг да заборават на болеста и стресот.
Овие медицински кловнови, се разбира, не се обични лица кои се маскирале во кловн, туку специјално обучени медицински лица, кои владеат специјални вештини и ја подобруваат психолошката состојба на пациентот.
Медицинските кловнови ќе користат методи на експресивна терапија, кои се користат како дел од процесот на лекување. Тие ќе обезбедуваат услуги во многу области, ќе имаат можност да влезат во соба на пациентите, кои не можат да станат од кревет, кои се лекуваат на интензивна нега, одделенија за итни случаи, како и во ходниците, чекалните и лифтовите.
Ваков пристап на лекување веќе функционира во голем број држава во Австралија, Нов Зеланд, САД, Обединетото Кралство, Канада, Израел, Јужна Африка, Хонг Конг, Бразил и цела Европа.
Докажано е дека позитивниот пристап, односно исцелителната моќ на хуморот и смеата го победува стресот, ја намалува болката со ослободување ендорфин (природен лек против болки во телото), го зголемува имунолошкиот систем преку зголемување на нивото на Т-клетките и намалување на нивоата на кортизол во серумот, помага да се промовира позитивен став, им помага на луѓето да се справат со тешки ситуации и помага да се создадат врски и затоа поддршката меѓу луѓето, од кои сите го помагаат процесот на лекување.
Идеен творец на оваа терапија која се спроведува со медицинските кловнови ја почнал Пач Адамс пред околу четири децении, кој го основал Институтот Gesundheit во 1971 година и секоја година организирал група волонтери од целиот свет за да патуваат во различни земји, во обид да донесат хумор за хоспитализираните пациенти и во соработка со Институтот, промовираат алтернативен модел за здравствена заштита“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.