Бојан Јовановски-Боки 13 на рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“ посочи дека останува на ставот дека мора да се изведат сите пораки кои тој ги разменил со пет членови на поранешната Влада, градоначалничка и двајца обвинители, а потоа тие да се повикаат да сведочат во судница. Фросина Ременски, го побара сведок да биде министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, под услов, да се изведат пораките од телефонот на Јовановски. Таа се откажа од правото да даде одбрана во оваа фаза на постапката, бидејќи не се изведени пораките од телефонот на Јовановски и додаде: „Од главната расправа произлегува дека претставници на локалната или извршната власт кои што имале конкретни овластувања непосредно, директно, усно комуницирале со Меѓународниот сојуз, но тоа не сум јас во овој случај“.
За разлика од минатиот пат, кога имаше тензично судење, сега, судијката Софче Гаврилова-Ефремова му дозволи на Јовановски целосно да се искаже по однос на предлозите. Тој пак, истакна известување од лиценцираниот вештак Орце Симов во кое се наведува се наведува: „Не бевме во можност да ги пронајдеме екстрахираните пораки од „Вацап“. А токму на оваа апликација, Јовановски тврди дека ги водел разговорите со Зоран Заев, Горан Суравески, Александар Кирацовски, Стефан Богоев, Нашата Петровска, Мила Царовска, Вилма Русковска, Наум Пановски.
Според Јовановски, со изведување на овие пораки кои биле во неговиот телефон, а МВР ги извади на харддиск, ќе се увиди дека тој и останатите обвинети не сториле никакво кривично дело, иако Обвинителството ги гони. Потоа, врз основа на пораките кои бара да се читаат во судница, а вештакот не можел да ги најде во материјалите, да се повикаат сите лица за сведоци. Тој побара да бидат изведени и комуникации со Трајче Заев со објаснување: „Тој испрати предлог локации за изградба и беше вклучен во преговорите со ГП Пелистер односно Силјан Мицевски“. Како нов испитан, Јовановски бараше да биде Наум Пановски кој беше обвинител за организиран криминал: „Тој беше вклучен во постапката каде биле замрзнати средствата и донел одлука во која се велело дека нема елементи на кривично дело и се е легално“.
За комуникациите со Пановски, но и со Русковска, обвинетиот кажа дека биле и од лична природа. Па така, според Јовановски, случајот „Меѓународен сојуз“ бил отворен откако Русковска му го запленила телефонот во „Рекет“ и ги читала пораките меѓу него и Пановски, а кои биле со навредлива содржина за шефицата на организиран криминал, па го покренала предметот.
Обвинетиот Јовановски побара и негов распит, но тоа да биде направено хронолошки, за да се поврзат сите докази кои го замоли судот да бидат прифатени, бидејќи само така ќе се добиела јасна слика.
За разлика од минатите рочишта, денешното судење помина во мирна атмосфера.