Австриските компании кои се присутни во Македонија сакаат да останат тука, а има и други, кои исто така се заинтерсирани да дојдат, изјави денеска Герхард Шлатл, трговско аташе на Аврстија во Македонија, пред почетокот на т.н. Австриски ден на кариера во Универзитетот на ЈИЕ во Скопје.
Според него, дел од австриските компании кои се веќе во земјава допрва ќе го шират својот бизнис.Таков е случајот со „Тексспорт“ која отвори фабрика за текстил во Виница.
– Постои интерес кај австриски компании за Македонија иако земјата е мал пазар. Сите што размислуваат да инвестираат, претходно, секако, детално ги истражуваат условите, нагласи Шлатл.
Австрискиот ден на кариера се одржува во рамки на манифестацијата „Австриско-македонски денови“ што ја организира клубот „Алпбах“ Македонија во соработка со Амбасадата и Стопанската комора на Австрија. На него присутните десетина австриски компании ги презентираат своите активности и услови, а студентите, ако се заинтерсирани, како што посочи Шлатл, може да аплицираат за работа.
– Целта на целокупниот проект е продлабочување на македонско-австирското пријателство и јакнење на економската соработка меѓу двете земји, рече претседателот на „Алпбах“ Македонија Пиштар Љутвиу.
„Австриско-македонските денови“ се одржуваат вторпат и освен денешниот Австриски ден на кариера на Универзитетот ЈИЕ, за утре во хотелот „Стоун Бриџ“ предвидуваат конференција со две панел дискусии на теми: „Младите прават подобра Европа“ и „Од образование до кариера: Трансфер на добри претприемачки практики од Австрија во Македонија“.
На Австрискиот ден на кариера присуствуваа млади од Македонија, Турција, Албанија, Србија, Косово и Црна Гора.