Со донесените измени на законите за престојувалиште и живеалиште како и Законот за лична карта им овозможуваме на ранливите и социјално загрозените лица да добијат пристап до лична документација. Поради непоседување имот овие наши сограѓани немаа можност да обезбедат докази за сопственост на имот или договор за закуп и остануваа без пријавена адреса, а со тоа и без лична карта вели пратеничката на СДСМ Санела Шкриељ.
– Во јуни 2023 Собранието ги усвои и измените на Законот за матична евиденција со што се овозможи секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, а најдоцна 45 дена од раѓањето, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство. Во период од два месеци од измените на законот, решени се 310 предмети на лица кои добија извод од матичната книга на родени. Со ова се заокружи процесот на решавање на проблемот со бездржавјанството, така што ќе се стави крај на бездржавјанството во Република Северна Македонија и ќе се решат основните човекови права на околу 700 лица, колку што беа детектирани во нашата држава.На овој начин, овие неевидентирани лица – т.н. фантоми сега ќе можат да ги оставрат своите основни човекови права, со што Северна Македонија ќе биде прва во Европа која го има решено статусот на бездржавјанството. Освен тоа, донесените интервенции во посочените закони се гаранција дека во земјава нема да се повтори ситуација со лица без државјанство, вели Шкриељ.