Република Македонија својата перспектива ја гледа во Европската Унија, а кон таа цел се ориентирани и локалните самоуправи чиј систем е креиран врз Европската повелба за локалната самоуправа ратификувана во 1997 година која обезбедува компатибилност на националните со европските политики и нашите општини ги прави конкурентни на европскиот простор, рече министерката за локална самоуправа Ширет Елези на форумот „Европски перспективи за локалната самоуправа“ кој денеска почна во Битола.
Според министерката Елези, еден од најважните приоритети на Министерството за локална самоуправа е јакнењето на финансискиот капацитет на општините во државата, а притоа на располагање се различни можности.
– Општините може да аплицираат за проекти со партнерско учество од земјите членки на унијата во 5 програми и тоа рамковна програма за истражување, доживотно учење, млади во акција, Европа за граѓаните и прогрес. Во нашата земја не постои општина која не ја искористила можноста да биде опфатена со програмите за прекугранична соработка, а во сега кога сме навлезени во вториот програмски период, верувам дека сите учесници ќе пренесат и сопствени искуства, посочи Елези.
Министерството за локална самоуправа во соработка со граѓанската организација АЛДА-Скопје и со Секретаријатот за европски прашања ќе продолжи да ја поддржува надградбата на капацитетите на општините и планските региони во Македонија.
– Министерството за локална самоуправа во вториот програмски период има за цел да се покаже уште поголема подготвеност за искористување на средствата со над 90 насто. Министерството за локална самоуправа во вториот програмски период ќе биде надлежно за над 100 милиони евра колку што изнесува вкупниот буџет на 5 програми за прекугранична соработка, односно на раполагање се 35,5 милиони евра за погранична соработка со Грција, 12 милиони евра за погранична соработка со Албанија, потоа 19,5 милиони евра за погранична соработка со Бугарија, 8, 5 милиони евра за погранична соработка на Македонија со Косово, а 40 милиони евра се за транснационална програма „Балкан-Медитеран“ и други програми, истакна Елези и дополни дека овие придобивки се големи бидејќи придонесуваат за подобар квалитет на животот, подобрување на локалниот економски развој, континуирано учење и стекнување на искуства за идна проектна активност.
Тридневниот форум на тема „Европски перспективи за локалната самоуправа“, прв од ваков тип во државата, се организира со цел да помогне на повеќе институции и организации, посочи Ивана Петровска, директорка на АЛДА-Скопје.
– Во последниве години во Македонија нема истражувања нити пак се зборува за улогата на локалната самоуправа во европските интеграции. Во овие три денови во рамките на форумот ќе одржиме три панел дискусии односно за улогата на граѓанските организации и локалната самоуправа во европските интеграции како и за искористеноста и користењето на европските фондови за директен придонес во локалниот економски развој. Очекуваме да се развијат интересни дебати бидејќи имаме над 90 учесници од 50 општини во Македонија, истакна Петровска на свеченото отворање на форумот во Битола.
Во текот на утрешниот ден на Форумот свое обраќање ќе има и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние.