Шинковски: Северна Македонија заслужува да добие зелено светло за преговори, се надевам на одлука во март

Од:

Северна Македонија заслужува да добие зелено светло за отворање на преговори за членство во ЕУ поради нејзината работа на реформите и добрите односи со соседите. Полска очекува на Советот на ЕУ што ќе се одржи во март да биде донесена одлука за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави денеска Шимон Шинковски вел Сек, државен секретар за полската дијаспора, европска политика, јавна дипломатија и културни работи на конференција за Берлинскиот процес, што се одржа во МНР.

Тој истакна дека Полска поддржува отворање преговори со Северна Македонија и Албанија и оти е разочарана што одлуката за започнување на преговарачкиот процес не беше донесена прво во јуни, па потоа и во октомври.

– Разочарани сме што одлуката беше блокирана поради скептичната позиција на Франција. Се надеваме дека предлогот на Франција за нова методологија нема да го одложи процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Ќе го анализираме предлогот, во поглед на вршење притисок да се донесе одлука за отворање пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија во март, подвлече Шинковски, чија земја оваа година претседаваше со Берлинскиот процес.

Тој посочи дека натамошното проширување на ЕУ е стратешка цел на Полска и оти тоа е суштинско не само за Западен Балкан, туку и за безбедноста на цела Европа.

– Веруваме дека европскиот проект не може да биде целосен без пристапувањето на Западен Балкан во Европа. Тоа ќе биде симболички и практичен знак на европска солидарност и одговорност. Убедени сме дека Северна Македонија со нејзината уникатна култура, богата историја и динамично општество ќе ја збогати Европската Унија, нагласи Шинковски, додавајќи дека во месеците што следуваат Полска ќе работи да биде донесена оваа одлука заедно со останатите членки кои го делат ова мислење.

Во врска со идејата да се поттикне процесот на пристапување, што беше предложен од Франција, Шинковски додаде дека Полска е подготвена да разговара за подобрување на истиот и оти очекуваат документот да биде објавен од Европската комисија што ќе биде основа за дебата по ова прашање.

– Берлинскиот процес е важен бидејќи не се наоѓа во институциите во ЕУ, туку повеќе е меѓувладин процес меѓу државите вклучени во него. Поради тоа се трудевме што повеќе да го искористиме нашето претседавање со него и да го поддржиме следното претседавање. Се надевам дека Франција, исто така, ќе биде ангажирана во Берлинскиот процес. Таа ги потпиша заклучоците во Познањ дека европската перспектива е вистинска перспектива за земјите од Западен Балкан и се надевам дека оваа позиција Франција ќе ја задржи и во наредните месеци, нагласи Шинковски.

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски се заблагодари на поддршката што Полска и ја дава на Северна Македонија во евроинтеграциите.

– Берлинскиот процес, не претставува алтернатива за членството во ЕУ, напротив тоа е вистинскиот начин со кој може да се покаже дека земјите од Западен Балкан посветено работат на европската интеграција на регионот, потенцира тој, додавајќи дека е важно да се испрати пораката дека консолидацијата на ЕУ може и мора да се случи со европската консолидација на земјите од Западен Балкан.

Жерновски нагласи и дека Берлинскиот процес во 2020 првпат ќе биде во формат на копретседавање на Северна Македонија и Бугарија, како и дека првпат една од земјите домаќини ќе биде држава која не е членка на ЕУ, а е дел од регионот на Западен Балкан.

Во врска со францускиот нон-пејпер, Жерновски истакна дека земјава нема од што да се плаши, бидејќи, како што рече, ние сме од подготвени и многу брзо ќе затвориме повеќе од половина од поглавјата.

– Има елементи што треба да се поддржат. Ние сакаме побрзо да дојдеме до структурните фондови, ние сакаме да добиеме награда врз основа на мерит системот, врз системот на заслуги, но не треба да се биде наивен, треба да се биде внимателен да се види кои се тие делови што треба да се подобрат. Нон-пејперот не може и не смее да биде причина целиот процес да застане. „Да“ за дискусија за новот модел, но и „да“ за тоа овој процес да се одвива паралелно, односно да започнат преговори час поскоро со нашата земја и со Албанија, потенцира Жерновски.

Конференцијата беше завршен настан на проектот насловен „Кон одржлива регионална соработка, Берлински процес и пошироко“, кој е поддржан од Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и реализиран од Институтот за демократија – Социетас цивилис од Скопје и The Southeast European Think Net Network.

На конференцијата се дискутираше за работната рамка за копретседавањето на Северна Македонија и Бугарија со Берлински Процес 2020 и кои за политики се очекува да резултираат од копретседавањето.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески