Фантастично е координирана институционалната соработка меѓу Миистерството за здравство, Министерството за одбрана и Градот Скопје, кои овозможија денеска и официјално во рекорден рок да биде ставена во функција мобилната болница во кругот на Клиниката за инфективни болести, истакнa градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Градоначалникот, кој денеска заедно со министрите за одбрана и за здравство, Радмила Шекеринска и Венко Филипче ја посети оваа болница, изјави оти е горд на луѓето од Градот, на луѓето од работната единица од Министерството за здравство и на нашата Армија кои со натчовечки напори работеле, дури и ноќе, за да ја стават во функција оваа мобилна болница.
– Успеавме прво да го расчистиме овој простор што беше сериозно руиниран и беше можеби деценски проблем тука во Клиничкиот центар, да ја спремиме соодветно подлогата и во рекорден рок да ја поставиме оваа полска болница која што, како што мислам дека веќе целата јавност знае, по потребите, по наодите на здравствените институции може да го зголеми капацитетот за 130 легла за кои што искрено се надевам дека никогаш нема да ја ставиме во употреба, додаде Шилегов.
Според скопскиот градоначалник, најдоброто нешто што можеме да го направиме, секој од нас поединечно, меѓутоа и институциите во овој момент е да ги слушаме советите кои доаѓаат од надлежните здравствени институции, пред се од Министерството за здравство, да останеме дома, да внимаваме на социјалното дружење,за да го спречиме ширењето на коронавирусот.