Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска присуствуваше на почетокот на есенската акција за садење 615 дрвја на јавните површини на повеќе локации низ градот Скопје.
Оваа акција е дел од заложбите за зазеленување на Скопје, и зголемување на бројот на нови дрвја на јавните површини со што ќе се подобри и животната средина, а тоа ќе придонесе и за зачувување на здравјето на граѓаните.
– Посветени сме на подобрување на животната средина и намалувањето на загадувањето. Приоритет е надоместувањето на изгубеното зеленило, дополнително зголемување на парковите и на дрворедите и нивна заштита во сите општини во градот – истакна градоначалникот Шилегов.
На зеленилото крај булеварот 3 Македонска бригада денеска се засадени 45 висококвалитетни садници од видот: јавор, јасен, даб, костен и каталпа, а во текот на следните две недели акцијата ќе продолжи и на повеќе локации во општините Карпош, Кисела Вода, Центар, Гази Баба, Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај, односно ќе се сади речиси во сите градски општини.
Денеска екипите на ЈП„Паркови и зеленило“ во Чаир, засадија и 4 неколкугодишни садници на местото каде што пред три недели беа исечени 2 тополи, кои беа стари и претставуваа опасност по безбедноста на граѓаните.
Дрвјата што ќе бидат засадени во оваа акција се од сопствено производство на ЈП „Паркови и зеленило-Флораком“ и се од видот: јавор, каталпа, див костен, даб, липа и јасен.
Градот Скопје планира и напролет да продолжи да организира големи акции за засадување нови 4.000 садници на точно утврдени микролокации, на кои изминатиов период беа сечени или воопшто не се засадени нови дрвја. Исто така, континуирано ќе продолжи да ги одржува постојните зелени површини, како и да работи на подигање и на уредување нови места со интересни содржини за одмор и рекреација на граѓаните.