Шилегов: Децентрализацијата мора да продолжи и покрај проблемите

Од:

Градоначалникот Шилегов денеска учествуваше и се обрати на тркалезната маса за „Предизвиците и дилемите во системот на финансирање на надлежностите на општините – редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменски и блок дотации за општините“, во организација на Министерството за локална самоуправа. На тркалезната маса беа презентирани и дискутирани наодите од анализата направена во консултација со надлежните министерства и со општините за начинот на финансирање на надлежностите на општините во областа на основното и средното образование, детските градинки, културата и противпожарната заштита, финансирани со блок дотации од централниот буџет.

– Фискалната децентрализација и состојбата со финансиските проблеми во општините е проблем којшто постои од самиот почеток на децентрализацијата и трае до ден-денешен. Особено е голем проблемот со децентрализираните надлежности, кои и после тринаесет години, не успеаја да добијат добра завршница. Иста е состојбата со блок и наменските дотации. Ќе почнам од долговите на општините, иако тие не се предмет на истражувањето заради кое сме денеска тука, но нам на локалните власти ни тежат и морам да ги спомнам. ЗЕЛС во 2005 година направи првична анализа на состојбата со долговите и осозна дека пред самиот почеток на децентрализацијата општините имаа долг од 51 милион евра, основен долг. Тоа е показател дека долговите настанале многу пред почетокот на процесот на децентрализацијата, а дел од истите потекнува и од период кога сме биле во состав на друга држава. Како што општините добиваа нови надлежности и обврски, така растеа и долговите. Министерството за финансии, неодамна излезе со податок дека вкупниот општински основен долг изнесува околу 100 милиони евра, а предвиде и помош за општините, во износ од приближно 50 милиона евра, кои ќе бидат неповратно дадени на општините и со кои треба да се намали долгот и отпишат каматите. Дел од овие долгови, за кои зборував претходно, се настанати и заради недоволни средства обезбедени за блок и наменските дотации, за кои општините и институциите формирани од нив, мораа да одвојуваат сопствени средства и да влегуваат во дополнителни долгови, заради нереална можност да најдат средства и да ги платат настанатите побарувања – рече денеска Шилегов.

Тој објасни дека на прво место на оваа листа се наоѓа образованието, и тоа и основното и средното.

– Самиот факт дека од 2005 година до денеска, кога разговараме за овој проблем, само промената во цената на енергенсите, како нафта, електрична енергија или дрва е огромна и воопшто не е следена со зголемување на блок дотациите за образование. Истото се случува и со дополнителните предмети, перманентно додавани во наставната програма, без притоа да се земе предвид дека блок дотацијата треба да ги следи овие новини. Сакам само да споменам дека во 2010 година, општините се оставени без дванаесеттата рата од блок дотацијата, така што цел товар околу подмирувањето на трошоците остана само нивна грижа. Проблемот за кој ЗЕЛС постојано алармираше и алармира е состојбата со нереално високи цени за задолжителниот училишен превоз, кои се добиваат во тендерските постапки. Мислам дека дел од тој проблем е решен со последните измени, иницирани од ЗЕЛС, а имплементирани од Собранието на Република Македонија, направени со измена на Законот за патен сообраќај. Тоа е само делумно решение, а сега се обидуваме на општините да им помогнеме успешно да ја имплементираат оваа законска измена. Треба да не загрижи и процентот, кој од блок дотациите се исплаќа за плати на училишниот кадар, а кога тој ќе се види ќе ни биде јасно колку финансиски средства остануваат за сите преостанати плаќања и одржување на училишните објекти – нагласи Шилегов.

Шилегов во своето обраќање, како претседател на ЗЕЛС, на тркалезната маса се осврна и на функционирањето на Противпожарните единици, кои се исто така децентрализирани во 2005 година.

– Голем е проблемот со вработените, за кои под ниеден услов, до скоро, не добивавме согласност за старо вработување, што значи дека ако си замине вработен по кој било основ, немаме можност да добиеме согласност за вработување на истото место. Од друга страна, законот не обврзува да имаме еден пожарникар на 1.500 жители, па решението го баравме во тоа што општината од основниот буџет вработуваше пожарникари. Во последната година, успеавме да се договориме со Владата да се реши дел од овој проблем и поредовно да добиваме согласности за вработувања. Кај противпожарните служби имаме уште еден проблем и тој е врзан со нивната опрема. Страшна е состојбата со опремата, возилата и униформите на пожарникарите. Многу често се случува градоначалниците од основниот буџет да купуваат по некое делче на неопходната опрема, за да овозможат нормално функционирање на овие многу важни служби – рече Шилегов.

Градинките, објасни понатаму градоначалникот Шилегов, како основна грижа на најмалите и најмилите, се надлежност која е префрлена на локално ниво, без заостанати долгови и со доволно средства за нормално функционирање.

– Проблемот со градинките настана во моментот кога престанаа да се издаваат согласности за вработување и доведе до ситуација по една негувателка да треба да се грижи за триесет и повеќе дечиња. Во последно време таму имаме проблем и со просторни капацитети, но министерството за труд и социјална политика имаше повеќе слух и се обиде да обезбеди средства за проширување на старите или градење на нови градинки. Културата е исто така темна зона во децентрализираните надлежности. Само дел од културните институции се децентрализирани, а постои и огромен број на општини, каде што културните институции останаа во рацете на централната власт, без притоа да се има критериуми и да се знае зошто е така тоа. Во една општина, како пример, е децентрализиран театарот, а во соседната тоа веќе не е случај. Зошто е тоа така, не постои објаснување. Уште е пострашна ситуацијата со децентрализираните културни институции. Голем е бројот на децентрализираните културни домови, на пример, каде што работи само директорот. Градоначалникот обезбедува хигиеничар еднаш или два пати неделно, и навистина не ми е јасно што и какви активности можеме да очекуваме од таквите институции – праша Шилегов.

Градоначалникот нагласи дека можеби е добро да се размислува во насока на големи измени во децентрализацијата и дека треба да се размислува и за продолжување на процесот на децентрализација.

– Пред извесно време читав една анализа за развој на децентрализацијата во регионот и се изненадив од просечните оценки за Македонија. Велат, децентрализацијата е многу бавна, нема напредок во процесот на децентрализацијата и слично. Воопшто не се чувствував добро кога ги читав наведените квалификации. Можеби таквите квалификации треба да ни бидат поттик да продолжиме со овој процес. Она што ќе го видите во систематизираните ставови на ЗЕЛС, а што треба да ни биде главниот документ во преговорите со Владата, предвидува продолжување на децентрализацијата во неколку насоки, но и подобрување на финансирањето, односно повеќе приливи од ДДВ-то и од персоналниот данок. Или, како заклучок за крај, можеби треба да размислуваме за сосема нов концепт на локалната самоуправа и за сосема нов концепт за финансирање на локалната самоуправа – заклучи Шилегов.

На денешната тркалезна маса што се одржа во хотелот „Холидеј ин“ присуствуваа и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, министерот за култура, Асаф Адеми, државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, како и градоначалници на општини, претставници од министерствата, домашни и странски експерти.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Скопје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот

Четири лица нападнале и тешко повредиле скопјанец

А1он